Македонија треба да има консензуален претседателски кандидат и тоа треба да биде на предлог на партиите кои се носители на важните процеси, во случајот СДСМ и ДУИ, вели вицепремиерот за европски прашања.
Меѓу осумте имиња кои порано беа споменувани во јавноста Османи во интервју за Телма вечерва рече дека од лидерот на ДУИ професорот Денко Малески бил оценет како добар кандидат, а тој бил нивен кандидат и во времето на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ од можните два предлога за консензуален кандидат кои тогаш ги дале, но, вели, биле одбиени и двата кандидата.
– Ова само зборува за конзистентноста прво на идејата на Ахмети, но и на профилот на човек кој треба да ја претстави таа идеја, кој треба да рефлектира инклузивност, односно да биде кохезивен фактор. Мислам дека во моментов премногу работи се случуваат, за да може да си дозволиме уште едно дефокусирање со темата кој ќе биде кандидатот – рече тој.
Според него, не треба да одиме на предвремени парламентарни избори бидејќи имаме важни прашања кои што треба да следат после затворање на процесот на уставните измени.
– Треба членството во НАТО да се ратификува во земјите членки, треба да поченеме преговори со ЕУ, треба да се фокусираме на економијата. Државата конечно заслужува еден целосен мандат, особено во случај кога завршуваме политика и започнуваме политики. Досега темата не само на оваа Влада, туку на сите влади беше политика. Ние треба веќе да почнеме со економски политики, со здравствени политики, образовни, надвор од сенката која што големите политички прашања ги наметнуваа над овие важни политики за граѓаните. Затоа сметам дека треба да имаме претседателски избори и да почнеме мандат во кој фокус ќе биде и економијата и реформите, подобрување на животниот стандард на граѓаните – рече Османи.
Редовните избори треба да се одржат во 2020 година. Смета дека власта има стабилно мнозинство и дефинирана агенда и не гледа причина да експериментира со нови избори, а доколку некој би посакал предвремени избори тоа е ДУИ, затоа што, вели, на сите анкети рејтингот што го има ДУИ во електоратот би и донел подобри резултати од изборите во 2016.