Вчера некако незабележано, во сенка на одгласите за перипетиите со Законот за јазиците, помина најавата на извештајот на Катица Јанева за работата на СЈО во изминатото шестомесечје, од половината на ланскиот септември, до половината на овој март. Во тој извештај се набројуваат бројни активности на СЈО – таа „светла точка“ на македонската сака-да-биде правна држава – а меѓу другото, и донесувањето на првите 11 пресуди против исто толку обвинети лица во постапките што ги води ова обвинителство, како и податокот дека СЈО до денеска ја анализирало содржината на 515.572 аудио фајлови, односно дека во обработка се наоѓаат 85 отсто од вкупниот број на прислушувани разговори што биле доставени во таа институција.
Сепак, најинтересниот податок во овој извештај, што не го забележав во повеќе пренесени информации низ македонските медиуми, е оној дека СЈО „преслушува нови 100.000 фајлови кои ги обезбедиле при два претреси“ на објекти, во рамките на своите истражни постапки.
Значи, да повторам за оние кои набрзина поминаа преку претходниот пасус: СЈО, своевремено, во официјална постапка на примопредавање, доби околу 600.000 аудио фајлови од тнр. „бомби“ на Заев, за сега, во изминатите шест месеци, во два претреси на нечии простории, да откријат уште 100.000 нови фајлови, кои се во фаза на обработка?!
Можеби јас добро не сум разбрал, но мене ми се чини дека ова подразбира дека некој поседувал огромно количество на прислушувани разговори вон „контингентот“ со кој располагал Заев, односно дека тој некој со месеци и со години имал непречен пристап до нивната содржина, до моментот кога му биле запленети од страна на СЈО во постапка на претрес на негови два објекти.
Се извинувам, не е ли логично да се праша кој е тој НЕКОЈ?
Се работи ли за нелегално прибавена „сопственост“ на двете разузнавачки „бегалки“ кои бараат политички азил во Грција? Или за некој друг?
Ако не ме лаже сеќавањето, СЈО упаѓаше во некои станови пред некој месец, на една позната, релативно ситна битанга од скопскиот малку-политички-малку-криминален-малку-бизнис полусвет, кој потоа плачеше и се закануваше по фејсбуци дека му се одземени компјутери, дискови и стикови и дека ако не му се вратат ќе-видат-они-што-ќе-им-се-случи… На претресот на просториите на таа ли будалетинка реферира СЈО?
Понатаму, може ли да се знае како тој некој дошол во посед на овие разговори, во така импозантен број? Има ли тој некој и други соработници и помагачи за стекнување на така деликатна дигитална аудио-библиотека? Дали, на кој било начин, е констатирано дека ја експлоатирал содржината на тие разговори и до сега, вон постапките што ги води СЈО – особено што СЈО во својот редовен извештај тие 100.000 разговори ги третира како „нови фајлови“, со различна содржина од оние 600.000 со кои тие веќе располагаат? Конечно, што се случува, во кривично-правна смисла, со тој НЕКОЈ и со неговите евентуални соработници и помагачи, ако се во досегот на македонскиот правен систем?
Од една страна, ова го прашувам од причини што низ скопската политичка и деловна чаршија со месеци се тркалаат озборувањата дека, малку-малку, па еди-којси, наводно, бил предмет на закани и обиди за рекетирања со содржини од некакви прислушувани разговори… Од друга страна, важно е сознанието дали тие 100.000 „нови фајлови“ се последните што ќе бидат откриени; или и утре-задутре може да се појави некој нов „колекционер“ на аудио-фајлови (стари, нови, сеедно) кој, можеби, се подготвува да ги употреби заради најразлични компромитирачки или уценувачки цели?
Ова повторно може да нè врати на предупредувањата дека оние кои не ѝ посакуваат добро на македонската политичка стабилност само го чекаат вистинскиот момент за, на наше изненадување, да ни излезат сред бел ден, ширум да ни го отворат мантилот и да ни покажат дали под него има нешто од што тие би сакале ние да се згрозиме. На времето, таквите ги викаа „мањаци“. Ама, со оглед на фрагилноста на македонската политичка ситуација, провокацијата може и да им успее.