70 отсто од возилата на противпожарните единици се од минатиот век

105

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска ја објави базата на податоци за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјава.

Базата на податоци открива дека противпожарните единици располагаат со само 220 возила. Притоа, овде спаѓаат не само цистерните и возилата за гасење пожар, туку и сите други возила на противпожарните екипи.

Просечната старост на овие возила е 27 години и дури 154 од 220-те возила (70%) се произведени во минатиот век.

За споредба, министерствата и општините (според базата на податоци што Центарот за граѓански комуникации ја објави во октомври 2018 година) имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно специјално противпожарно возило. Кај патничките возила има обратна ситуација, односно само 29% се од минатиот век, а 71% се купени во новиот милениум. Наспроти 27-те години на противпожарните возила, патничките просечно се стари 12,5 години.

„Податоците од оваа база се ставаат на располагање во отворен формат за да послужат како основа за натамошно користење и истражување. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на проектот Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста“, информира Центарот за граѓански комуникации, антикорупциска невладина организација која повеќе од една декада спроведува мониторинг на јавните трошења.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...