Владата ѝ ќе даде 6 милиони денари, а Град Скопје еден милион денари на Грција како помош за настраданите и за штетите од пожарите близу Атина. Владата донесе одлука да формира координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе се договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина.
„Нашите граѓани со длабока тага ги примаат вестите за големите загуби и жртви од катастрофалните пожари во Грција, во околината на Атина. Изразуваме сочувство до пријателскиот грчки народ и длабока жалост за загубените животи до сите семејства кои во оваа ужасна трагедија загубија свои блиски и пријатели.
Со одлука на Владата на Република Македонија денеска издвоивме 6 милиони денари како интервентна помош која ја ставаме на располагање на грчките владини институции одговорни за справување со пожарите. Остануваме и со мислите во борбата против огнената стихија со која се соочува Република Грција“, напиша денеска на својот профил на Фејсбук премиерот Зоран Заев.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска телефонски разговараше со неговиот атински колега Јоргос Каминис кому му изрази длабоко сочувство за загинатите граѓани во стихијниот пожар што ја зафати околината на Атина.
„Град Скопје ќе ѝ испрати милион денари првична помош на Атина за настраданите во пожарите. Ова е прва итна мерка на Град Скопје и тој останува отворен за каква било помош доколку дополнително се побара“, соопшти Град Скопје.
Освен Шилегов, и градоначалникот на Тирана, Ерион Велај, стапил во контакт со Каминис изразил поддршка и понудил помош.
Каминис, како што соопшти неговиот кабинет, се заблагодарил за солидарноста што ја демонстрирале двајацта негови колеги со кои договорил да останат во контакт за следните чекори.