67 вакцини со погрешни декларации завршиле во Скопје, Велес, Свети Николе, Демир Хисар, следи казна од 25.000 до 50.000 евра

Дистрибутерот „Македонијалек“ може да биде казнет парично од 25.000 до 50.000 евра, но може да му биде одземена и лиценцата за работа и да се раскине договорот

990

Вкупно 67 вакцини МРП со погрешни декларации биле испорачани во здравствените домови во  Скопје, Велес, Свети Николе и Демир Хисар, а дистрибутерот „Македонијалек“ може да биде казнет парично од 25.000 до 50.000 евра, но може да му биде одземена и лиценцата за работа и да се раскине договорот. Згрешена е само декларацијата на македонски јазик со напишан рок за употреба од претходната серија, а вакцините против мали сипаници се исправни и безбедни и со добар рок за употреба до мај и јуни 2019 година.

Ова беше кажано на денешната прес-конференција во Министерството за здравство, свикана по информациите кои се појавија во јавноста за можно присуство на вакцини со истечен рок. Родител пријавил на социјалните мрежи дека на кутијата од вакцината стои дека рокот е изминат, а оваа вест стасала и до Центарот за информирање во Министерството.

– При увозот на оваа серија вакцини го проверивме и „студениот ланец“ и квалитетот на вакцините, кои се добри, потоа тие се преземени од дистрибутерот, кој има обврска да ги лепи декларациите. На вакцината стои исправниот рок на употреба, по грешка е залепена стара декларација со рок од претходната увезена серија. Ние не им ги даваме декларациите, туку компаниите увозници на лекови сами ги печатат и тука е направена грешката – не смеело таква стара декларација да се стави на вакцини од нова серија. А медицинските работници кои ја ставаат вакцината на децата го гледаат рокот на самата вакцина, кој е добар, а згрешен е рокот на кутијата – рече директорот на МАЛМЕД, доц. д-р Ќахил Ибраими.

Mинистерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче рече:

– Сакам да верувам дека е техничка грешка. Нема да дозволиме ништо да го подрива угледот и довербата во нашиот здравствен систем, во период кога правиме напори да го зачуваме угледот. Кај само еден отсто од вкупниот број увезени МРП вакцини, имало проблем со декларациите, на кои бил впишан рок кој не соодветствува со реалниот рок, кој не е изминат. Инспекции ќе има во здравствените домови кои извршиле прием на вакцините, но и во самата компанија, која ќе треба да си ги испита процедурите за да видат каков пропуст направиле. Наша намера е да ги смениме сите оние работи кои изродија сомнежи во јавноста околу исправноста на вакцините – рече – рече министерот Филипче.

Тој додаде дека Министерството за здравство ќе ги преземе сите мерки од правната регулатива „да се справиме со ова, да укажеме на производителот каков проблем се јавил со локалниот добавувач, за да докажеме дека сме сериозна власт на која граѓаните и се на прво место.

Филипче информираше дека немало никаков проблем со чувањето на вакцините. Директорите на здравствените домови веднаш биле задолжени да информираат во врска со нивниот прием. Вакцини со погрешна декларација се пронајдени во Здравствениот дом „Железничар“, во Демир Хисар, во Велес и во Свети Николе.

– Лекот не е фалсификат, техничка грешка е во прашање. Кога ќе ги собереме сите количини, ќе постапиме понатаму со фирмата „Македонија лек“. Тие направиле техничка грешка, односно наместо нови, залепиле стари налепници. Понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите – рече министерот Филипче.

Тој нагласи дека не се пронајдени вакцини со изминат рок.

– Најдени се декларации на кои има постар датум од она што е вистински рок, кој е наведен и на кутијата и на вијалата на самата вакцина. Одговараме за квалитетот на вакцините, за критериумите на нивната набавка. Многу сериозно го разгледуваме прашањето. Вакцините се проверени од инспектори, дадена е дозвола за дистрибуција, дадена е дозвола од Агенцијата за лекови. Инициравме контрола во неработни денови, што укажува дека крајно сериозно пристапување на прашањето – појасни Филипче.

Тој додаде дека не сакале да се создаде дополнителна паника во јавноста, посебно не во овој период на епидемија. Има два нови случаи на заболени од морбили – две деца од Чаир и од Јане Сандански.

– Претставници на министерството и на Агенцијата за лекови ја контролираат серијата која се увезува на земјата. Но тогаш, дистрибутерот нема обврска да стави декларација, туку тоа го прави отпосле. После добивањето на таа дозвола, се лепат лепенки и вакцините се дистрибуираат во здравствените домови – појасни Филипче.

Според него, оправдано е прогласувањето на епидемија од морбили.

– По многу години, ова е еден случај каков што не сме имале во нашата држава. Вкупно 60 заболени досега е сериозна бројка и затоа се преземени овие мерки. Апелот е ист, родителите треба да ги вакцинираат децата зашто тоа е единствениот излез, само така може да се запре оваа епидемија. Имавме несреќа да се дететктираат налепници кои се надеваме дека нема да создадат паника. Ќе преземеме сѐ што е во наши рамки, и раскинување на договорот, ако се докаже дека ова бил пропуст кој можел да се превенира. Како што сме ние сериозни во овој процес, сакаме да имаме и сериозни партнери.  Инсистирам ова да се реши што поскоро, како и да бидам лично информиран за сите инспекциски надзори, како во компанијата, така и од пунктови на терен. Ги уверувам сите граѓани дека станува збор за квалитетна и добра вакцина, дека нема ризик, дека релацијата со болести се темели на парамедицина. Со нашите мерки целта ни беше да интервенираме во почетокот, да не дозволиме да имаме смртни случаи, па тогаш да преземаме активности – додава Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...