Во Македонија има околу 175.000 луѓе со дијабетес, според светската статистика, а на инсулинска терапија се 40.000 пациенти. Терапијата со инсулин е подобрена, сметаат од Сојузот, а еден од приоритетите за околу 500 деца и адолесценти во земјата е обезбедување сензори за безболно мерење гликемија. Ова веќе две години се бара од здравствените власти, и со петиција „За живот со помалку болка“, од Здружението „Баланс“ на која за само 10 дена потпис ставиле 2.500 граѓани.
Во вакви околности во Македонија се одбележува Светскиот ден за борба против дијабетесот – 14 Ноември. Дијабетес тип 1 имаат 4 000 лица кои го добиле по раѓање или во детството, а со тип 2 се 36.000 лица, кои се на инсулинска терапија. Околу 120.000 пациенти се на орални антидијабетици, а и тие чекаат на подновување на позитивната листа на лекови.
Според податоците од електронскиот систем „Мој Термин“, има 123.850 лица со дијабетес, заклучно со 31 декември 2018 година, што е за 3.850 повеќе од 2017 година.
Од Сојузот на здруженијата на лицата со ова заболување порачуваат дека има напредок во терапијата во последниве години.
– Терапијата со инсулините е значително подобрена, имаме на располагање три нови типа инсулини, а додадени се уште два кои се наменети за оние дијабетичари кои се со кардиоваскуларни проблеми. Но сега претстои подобрување на стандардизација на апаратите за мерење на гликемија – изјави Бојан Киров, претседател на Сојузот.
На забелешката дека лентите кои се користат за мерење на гликемија сега се поскапи од претходно, Киров одговара – па, поквалитетни се, за разлика од порано.
Во врска со тоа кога може да се очекува да бидат набавени сензори за најмладите лица со дијабетес, министерот за здравство, Венко Филипче, пред денешното одбележување на Светскиот ден во Деканатот на Медицинскиот факултет, изјави:
– Се чекаат новите буџети, па ќе се настојува да се одговори на ова барање за набавка на сензори, дел по дел. Во изминатиот период е направена многу значајна измена на Законот за паралелен увоз на лекови, со што во земјава се донесени оргинални инсулини со сертификат какви што се носат во сите развиени европски земји. Воведени се и три нови инсулини и два инсулински аналози, инјектибилни и таблетарни. Со тоа значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот. Активно работевме со сите чинители кои имаат улога во овој процес во изготвување на новата 10-годишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. По носењето на стратегијата, ќе почне ревитализација на сите центри за дијабетес ширум државата, додаде Филипче.
Директорката на Универзитетската клиника за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска, рече дека целта на Националната стратегија за дијабетес е намалување на бројот на нови пациенти, навремена дијагностика и адекватна и навремена терапија.
– Целта е да се спречат компликации на срцето и крвните садови, како што се миокарден инфаркт, мозочен удар, на бубрезите кои водат до нивна терминална слабост со потреба од дијализа, на очите кои водат со слепило, циркулаторни компликации, компликации со нервите кои некогаш можат да донесат и потреба од ампутација на екстремитети.
Од Универзитетскиот Стоматолошки клинички центар во Скопје, од Клиниката за болести на уста предупредуваат:
– Без третман, дијабетесот може да предизвика бројни компликации, вклучувајќи ги и тие во усната празнина, а над 90 отсто од лицата со дијабетес имаат проблеми со непцата и пародонтопатија. Дијабетесот е причина за сува уста, воспалени непца, инфекции во устата, кариес на забите. Се јавуваат црвени и отечени непца, лош здив, забите се нишаат, се нарушува осетот за вкус, јазикот жари. Лицата со овие симптоми, да се обратат кај специјалист по болести на уста и пародонтот.
Лекарите препорачуваат: контролирајте го шеќерот во крвта, следете препораки за здрава исхрана и внесувајте доволно течности, бавете се со физичка активност, намалете го внесот на шеќери, јаглени хидрати и масти, внимавајте колку алкохолни пијалоци консумирате, за да го намалите ризикот од појава на дијабетес.