5.200 новозаболени од рак годинава, а 350 се лекуваат со најновата биолошка терапија

Не ги делиме пациентите, оваа имунолошка терапија според протоколите може да ја примаат само оние болни од рак кај кои рецепторите се позитивни. Кај оние кај кои е негативен, таа нема никаков ефект, дури може негативно да влијае на други системи. Околу 250 до 350 пациенти на Клиниката кои се во напреднат стадиум на болеста се на третман со оваа биолошка терапија, која е не да спречи, туку да лекува!, вели д-р Васев.

1685

Се зголемува бројот на новозаболени од рак во земјава, од јануари досега имаме 5.200 пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде од јуни годинава е на располагање и најновата, биолошка терапија, за чија набавка се издвоени 5 милиони евра. Јас сум 32 години лекар во оваа институција каде еве нема листи на чекање за зрачење и за терапија, а седум пациентки со рак на дојка коишто требаше да одат  на терапија во Виена, се лекуваат кај нас – рече на брифингот со новинарите, д-р Нино Васев, в.д. директор на Клиниката.

Но не сите пациенти можат да ги примат овие најнови лекови, со кои, според д-р Васев, драстично се зголемува и излекувањето, особено кај меланомот.

– Сега за првпат имаме 100 отсто оригинална терапија и за болни од меланом, кој најчесто ги напаѓа помладите, и за рак на црн дроб, но и најнова терапија за рак на бели дробови, простата, а и за дојка има 2 нови лека. Не ги делиме пациентите, оваа имунолошка терапија според протоколите може да ја примаат само оние болни од рак кај кои рецепторите се позитивни. Кај оние кај кои е негативен, таа нема никаков ефект, дури може негативно да влијае на други системи. Околу 250 до 350 пациенти на Клиниката кои се во напреднат стадиум на болеста, освен кај ракот на дојка, се на третман со оваа биолошка терапија, која е не да спречи, туку да лекува! А имаме, ако треба и за 400 лица. На оваа бројка се плус и околу 300 болни од рак на дојка кои се на лекот херцептин, кој уште од поодамна, од 2006 година, се дава во оваа установа – вели д-р Васев.

Тој додава дека со овие нови лекови, кои се набавуваат од директните производители, има драстично подобрување на состојбата кај болните од рак, а тие делуваат така што поттикнуваат малигното заболување да се трансформира во хронично со кое пациентите ќе може да живеат како со секое друго хронично заболување. На тој начин терапијата го продолжува, но уште и го подобрува и квалитетот на животот.

Со паралелен увоз се обезбедуваат само мал број лекови и тоа не од оваа група.

– Оваа терапија е набавена за наредните две години, а ние сме најсреќни кога за пациентите таа е обезбедена. Нивната насмевка ни е најголема сатисфакција во работата. Благодарни сме на Министерството и на Фондот за здравство кои овозможија биолошките лекови да се набават, бидејќи не се на позитивната листа на лекови – нагласи д-р Васев.

Оваа биолошка терапија, како што појасни, е дел од стандардните протоколи во европските земји.

– Воведувањето на биолошката терапија значи и заштеда на средствата од лекувањето на пациентите во странство. Во 2018 година, кога се уште не беше воведена оваа терапија, само 1,45 отсто од заболените започнале третман со биолошки лекови, додаде Васев.

Кај најголем број од новодијагностицираните на Клиниката бил откриен рак на дојка,  рак на бели дробови, простата, но и карцином на гастроинтестиналниот тракт.

По многу години, за пациентите на оваа Клиника ќе бидат на располагање и двајца психолози, кои сега се на обука.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...