“А младото игуменче секоја вечер 5 отсто, нели! “, смеејќи се го закачаше капетанот младиот свештеник додека сите војници околу масата се смееја а игуменот ја менуваше бојата на лицето…“ За колегите од помладите генерации, извадокот е од прочуениот роман на Ернест Хемингвеј “Збогум на оружјето“ кој беше дел од задолжителната лектира во едно време кога сёуште се читаа книги. Романот е прекрасна антивоена приказна зачинета со една несреќна љубов меѓу младиот поручник Фредирик Хенри и медицинската сестра Катрин Баркли, подоцна овековечена во филмот “Воена љубов“ со Крис О’Донел и Сандра Булок. Суштината на шегите на капетанот е тоа дека младиот игумен мастурбира секоја вечер, а тоа е само 5 отсто од вистинскиот секс. Во периодот кога ние читавме лектири, оваа шега беше дел од нашиот вообичаен вокабулар заради тоа што вистинскиот секс во тоа време беше невозможно далеку од нас. Како што е заправо и сега.
Не е тешко да се погоди дека овој увод е направен по повод најавата за покачувањето на платите на здравствените работници за 5 отсто кое деновиве лично го соопшти премиерот во друштво на шармантната нова министерка за финансии, госпоѓа Нина Ангеловска. Целата слика заправо беше слична или иста со онаа од 22.09.2018 кога во полусвечена атмосфера беше најавено зголемување на платите во јавната администрација ( а таму сме и ние, добога) повторно за 5 отсто во присуството на министрите за здравство, образование, финансии и социјални прашања. Тоа, за нас, почитувани колеги, некако значи дека секој септември доаѓаат нашите 5%. Слично како и младиот игумен и неговите 5 отсто секоја вечер, во романот на Хемингвеј. За воља на вистината во меѓувреме пораснаа додатоците за дежурствата, ноќната и празничната работа. Без да го потценам секој денар зголемување кој е бездруго добредојден за сите здравствени работници, меѓу кои главни се сепак лекарите, овој процент е навистина бескрајно далеку од оној што беше најавуван и за кој се залагаше и Лекарската комора и Самостојниот синдикат на Клиничкиот Центар, како што е далеку и вистинскиот секс за младиот игумен во романот. Сега е навистина секому јасно дека од некаква плата од 1000 до 1600 евра до крајот на следната година едноставно не може да дојде и дека е тоа уште едно празно ветување дадено до сите лекари. Заложбите и споменувањето на некакви кеофициенти дека обичните лекари треба да достигнат личен доход 2.5 пати поголем од просечната плата, а лекарите специјалисти и супспецијалисти 3.5 и 3.8, за подолг временски период едноставно не се можни и паѓаат во вода и покрај тоа што до крајот на мандатот на оваа влада и ова министерство има уште една година. Можеби и затоа коефициентите и не се ставени во Законот за лекарска дејност, како што тоа го бараше храбриот Синдикат на Клиничкиот Центар во едно време.
Така останува гурбетот, тоа проклетство на народот од овие простори, како “валидна“ алтернатива за младите па и постарите колеги лекари. Интензивните курсеви по германски јазик проодолжуваат кои сега како да се дел и од студиите по медицина, затоа што идните колеги ги започнуваат и ги тераат паралелно уште од првата година. Небаре како да се дел од изучувањето на туѓ јазик на медицинските факултети во земјава! Така забрзано пред наши очи се трасира нашиот пат кон неповрат.
Не е здраво за едно општество лекарите да не бидат задоволни и недоволно наградени. Зарем вулгарната преселба на колегите која ни се случува секојдневно во својот најбрутален облик не ни е доволно предупредување и дека наградувањето на лекарите треба да се сфати многу посериозно не само од оние кои за тоа се надлежни туку од целокупното општество! Затоа што она што ни се случува наликува на катаклизма и како таква треба да се сфати. И ако на тоа се додадат политичко-криминалните превирања врзани за некои карикатурални личности со Луј Витон ташни со педантно сложено убаво количество на наши евра, тогаш централната балканска република Северна Македонија наликува повеќе на карневал во кој е се можно и ништо не е сигурно. Згора на тоа податокот за скорешните преполни автобуси на работници од Источна Македонија на пат кон Италија, укажува дека се повеќе навлегуваме во опасните води на вистинскиот егзодус на еден цел народ, во кој, ние лекарите играме една од водечките улоги. Повеќе од очигледно е дека не станува збор за обично гастарбајтерство, туку за пат без враќање. Несериозно е да се очекува дека Владата ќе успее во своите декларативни намери да ги задржи лекарите во земјата со ваков тип на покачувања кои имаат само козметичен ефект.
Но, тоа е тоа, почитувани колеги! Само трпение! Сега за сега рацете ни се “презафатени“ со 5-те отсто, а 5 по 5 ќе стасаме некако до 100 отсто, колку што е и ветувањето од страна на политичарите за 1000 евра личен доход за обичен лекар и 1600 евра за лекар специјалист. Доколку не стасаме, ќе дојдат некои други луѓе од нашето соседтсво со исти или слични ветувања, а по нив и некои трети или четврти кои толку личат едни на други што ги препознаваме уште пред да се појават. Ништо веќе не се добива лесно, ниту на сексуален ниту на било на кој друг план.
А дотогаш, барем нашите 5 отсто ни се сигурни.