Четириесет нови јасени се засадени на најфреквентната скопска сообраќајница кај Бит-пазар.
Ова е дел од проектот на Градот Скопје работи за намалување на загадувањето и подобрување на животната средина, во рамки на кој есенва ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни листопадни садници на повеќе локации во сите скопски општини.
– За прв пат на Бит-пазар ќе има дрворед. Засадени се 40 нови здрави висококвалитетни садници од видот јасен. Мерната станица на оваа локација изминатиов период покажува висока концентрација на ПМ10 честички, а со зазеленување на овој простор ќе се влијае на намалување на загадувањето. Дополнително, со садењето дрва на оваа локација конечно ќе ги ослободиме тротоарите од возила. Приоритет оваа есен е обновување на сите постојни дрвореди во центарот на градот и подигање нови. Во Скопје по должината на градските сообраќајници и во средишните жардиниери на булеварите има речиси 500 пенушки кои ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници – истакна портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Тој додаде дека минатата недела беше реконструиран дрворедедот на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов каде што беа заменети 40 исечени и паднати дрвја со нови здрави висококвалитетни садници, односно со ист вид дрвја како што претходно имало во овој дрворед.
Следната недела ќе се реконструира дрворедот на улицата Франклин Рузвелт, а во наредниот период ќе се подигне нов дрворед во Ѓорче Петров.