Четириесет деца од Центарот за деца со церебрална парализа од идната недела ќе се преселат во нов времен објект до ООУ „ 11 Октомври“, кој е во сопственост на општина Центар.
Поради изградбата на новото училиште во населбата Капиштец, имаше потреба од дислокација на Центарот. Но и условите за престој на децата во досегашниот објект не беа на потребното ниво.
Новата локација е со површина од 250 метри квадратн, и е целосно адаптирана за престој на овие лица. Изградена е рампа за пристап до улицата.
– Овој објект ќе биде нивно убаво катче за престој, рекреација и забава во текот на периодот до изградба на училиштето. Новиот простор е во согласност со стандардите за пристапност, движење и опслужување на лицата кои се движат со помагала со соодветно прилагодени тоалети – велат од Општина Центар.
Објектот, општина Центар ќе го предаде на Министерството за труд и социјална политика која треба да ја пресели опремата. Децата ќе имаат физиотерапевтска и дефектолошка поддршка по сите принципи и стандарди. По изградбата, тие добиваат на користење 300 метри квадратни простор и најсовремени услови во новото училиште „Капиштец“ .