30.000 наставници ѝ најавуваат генерален штрајк на Владата

СОНК најавува дека ќе почека до завршување на претседателските избори, пред да донесе одлука за генерален штрајк.

2571

Државата може целосно да биде парализирана со генерален штрајк, ако Владата не ги слушне нашите повици за отпочнување преговори за прашањата кои се од интерес на јавниот сектор, тврди Јаким Неделков претседател на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК).

– Сѐ уште немаме одлука за тоа кога ќе почнеме со штрајкот и колку тој ќе трае, но може да се случи тоа да биде на крајот на учебната година, а во штрајкот да бидат вклучени сите дејности од јавен сектор. Ако се знае дека СОНК има 30.000 членови во кои се вклучени и јавната и државната администрација, еден штрајк ќе значи многу, односно целосна блокада на институциите – вели Неделков.

Него, како што вели, го загрижува игнорантскиот однос на власта, но сепак е оптимист дека до крајот на мај институциите ќе најдат сили да се сретнат со синдикатите и да ги разгледаат прашањата кои се ставени на маса за преговарање уште од пролетта минатата година.

– Најболен за вработените во секторот е проблемот предизвикан од зголемувањето на минималната плата бидејќи се направи селективно зголемување на платата само на одредени работни позиции. При тоа се создаде урамниловка на овие позиции со работните позиции кои пред тоа беа повисоко платени. Така хигиеничарките во образованието, на пример, со плата се изедначија со оние на раководителите на парни котли и другиот помошно-техничкиот персонал иако сложеноста на работа е различна. Но тоа не е сѐ, минималната плата се зголеми за 25 отсто, а другите плати во секторите се зголемија само за 5 отсто. Состојбата покажува дека во основа се кршат законите што загрижува – вели Неделков.

Според него, нелогично е решението во Законот за минимлана плата со кое се предвидува спирално зголемување на платите.

– Ние бараме зголемувањето да се врши по вертикала, според сложеноста на работните задачи за да се запази одредена разлика во платите – додава тој.

Споредбата, пак, на македонските наставнички плати со оние од регионот, додава тој, дополнително обесхрабрува бидејќи нашите плати се на дното.

– Во Косово наставниците земаат од 600 до 700 евра. Ист е случајот и со Босна и Херцеговина. Во Црна Гора е над 500 евра, а во Бугарија е договорено зголемување за 20 отсто. Кај нас платата е 21.000 денари – вели Неделков.

Според него, не се високи ниту платите во јавниот сектор каде што се движат од 14.000 па нагоре, но посебен проблем се платите во културата, каде што за иста сложеност на работа платите од една до друга институција драстично се разликуваат, бидејќи нема колкетивен договор на ниво на гранка.

Од СОНК забележуваат и на транспарентноста на министерствата при донесувањето на законите кои се однесуваат на секторите.

– Како синдикати воопшто не сме консултирани при донесување на Законите. Ни велат подготвените законски текстови се објавени на ЕНЕР и таму можете да дадете забелешки, но ние бараме да бидеме активни чинители во нивното подготвување зашто ги претставуваме оние на кои се однесуваат законите и кои треба потоа да ги спроведуваат – вели Неделков.

СОНК најавува дека ќе почека до завршување на претседателските избори, пред да донесе одлука за генерален штрајк.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...