Неискусните ќе ги заменат истрошените, жените ќе им парираат на мажите

Високата негативна тензија во гласачкото тело, како и општата криза која владее во општеството, ги троши политичарите многу брзо, па токму затоа двете најголеми политички партии во земјава се под притисок да понудат нешто ново и нешто различно, вели аналитичарот Петар Арсовски за Плусинфо.

1062

Партијата на Зоран Заев на претстојните парламентарни избори најави дека ќе оди со кандидати од различно етничко потекло, од кои најмалку 30 отсто ќе бидат млади, а исто така посочија дека соодносот помеѓу мажи и жени ќе биде 50:50. Партијата на Христијан Мицкоски, пак, најави дека на овие избори ќе настапи со нови и неискомпромитирани лица, а како што истакнаа оттаму, најголемиот дел од нив ќе бидат без пратеничко искуство. И двете политички партии веќе ги започнаа процедурите за избор на кандидати, но засега не ги соопштуваат имињата.

Според политичките аналитичари, ваквиот метод што го најавува СДСМ е веќе проверен и испробан метод, па како што велат, партијата на Заев и овојпат ќе се обиде да ги придобие албанските гласачи, како и оние од помалите заедници. За промените што ги најавува ВМРО-ДПМНЕ, пак, аналитичарите сметаат дека опозицијата ќе кандидира нови лица кои ќе му бидат лојални на лидерот и кои истовремено ќе бидат прифатливи за гласачкото тело.

Аналитичарот Петар Арсовски во изјава за Плусинфо вели дека високата негативна тензија во гласачкото тело, како и општата криза која владее во општеството, ги троши политичарите многу брзо. Токму затоа, вели тој, двете најголеми политички партии во земјава се под притисок да понудат нешто ново и нешто различно.

– Не е секогаш мерка за квалитет ако понудиш политичар без портфолио, меѓутоа сето тоа е производ на политичката криза. И двете партии се обидуваат на свој начин да понудат нов пристап. СДСМ најавува дека 50 проценти од кандидатите ќе бидат жени, ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе кандидира целосно нови луѓе. Јас лично мислам дека партиите ќе го задржат тој принцип што го најавуваат, но не за главните позиции. Сепак, мислам дека за водачи на листите ќе изберат проверени кадри – објаснува Арсовски.

До 12 март на полноќ ќе бидат познати кандидатите за пратеници кои политичките партии ќе ги кандидираат за парламентарните избори што треба да се одржат на 12 април оваа година. Според роковникот на Државната изборна комисија (ДИК), кој беше утврден на синоќешната седница, ова е крајниот рок до кога партиите ќе треба да ги достават изборните листи за шесте изборни единици.

Изборната кампања која трае 20 дена, според роковникот на ДИК ќе започне на 23 март, а ќе заврши на 10 април на полноќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...