Заев: Ако некој го минира Законот за ЈО, тогаш Собранието нема да се распушти

772

Доскорешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Зоран Заев, вели дека Законот за јавното обвинителство, како и протоколот за НАТО и Законот за одбраната, се дел од агендата што е договорена од сите партии да се заврши до распуштањето на Собранието на 12 февруари.

– Ако некој го прекрши тоа, тогаш распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите нема да се случи – изјави денеска Заев по сведочењето во Кривичниот суд за предметот „Монструм“.

Прашан дали е можно одложување на изборите доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство, Заев рече не, но истакна дека е многу важно договреното да се изгласа во парламентот.

– Кога ќе се гласа во Парламентот може да се донесе или да не се донесе. Друга опција нема, но на 12 февруари треба да се распушти. Ако се обидува опозицијата да го минира, да го блокира или на кој било начин неговото донесување, односно гласање, тогаш нормално дека парламентот нема да се распушти сè додека не заврши процесот на изјаснување за Законот за јавно обвинителство, како и за протоколот за НАТО или Законот за одбраната или сличните закони – рече Заев.

Тој посочи дека дел од агендата за којашто се договориле сите е дека овие законски решенија до распишување на изборите и распуштање на парламенот ќе се изгласаат.

– Ако некој го прекрши тоа, тогаш нормално дека распишувањето на изборите и распуштање на изборите нема да се случи. На 12 април се изборите. Убаво е на 12 февруари, како што објави Талат Џафери тоа да се случи. Изборите се распишуваат и парламентот се распушта од 45 до 60 дена. Значи, имаме 15 дена за распуштање на парламентот и распишување на изборите, како што законот и Уставот тоа го дава, но јас верувам дека се ќе биде завршено на 12 февруари – изјави Заев.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...