Продавач на „Алиекспрес“ за Плусинфо: Темелно ги дезинфицираме производите пред да ви ги испратиме

Најпрво темелно ги дезинфицираме, а дури потоа им ги испорачуваме производите на нашите клиенти - вели за Плусинфо еден од продавачите од „Алиекспрес“.

641

Сите оние кои очекуваат наскоро да им пристигнат пратки порачани од „Алиекспрес“ или, пак, планираат во скоро време да нарачаат, немаат причина за стравување од евентуално префаќање на коронавирусот.

Ова за Плусинфо го тврдат продавачи од Кина кои нудат производи на оваа онлајн продажна платформа. Како што велат тие за нашиот медиум, пред секоа испраќање на производите, тие темелно ги дезинфицираат пратките, со цел да се спречи ширењето на опасниот коронавирус.

„Почитувани, нема потреба да бидете загрижени, затоа што ние продолжуваме редовно да ги праќаме производите до адресите на нашите купувачи. Исто така, најпрво темелно ги дезинфицираме, а дури потоа им ги испорачуваме производите на нашите клиенти – вели за Плусинфо еден од продавачите од „Алиекспрес“.

Поради коронавирусот и со цел спречување на неговото ширење, пред извесен период најголемите светски авиокомпании, како што се „KLM“, „Lufthansa“ и „Turkish Airlines“, ги стопираа летовите кон и од Кина, а таквиот потег предизвика одложување на испораката на пратките. Сепак, трговците од оваа земја, испораката на пратките ја реализираат по воден транспорт, а тоа знал дека на испорачаните пратки им е потребен период од речиси два месеци за да пристигнат до финалната дестинација.

Најновите сознанија дека коронавирусот може да преживее и до 9 дена на некои површини ги потврдуваат за Плусинфо и епидемиолозите од Институтот за јавно здравје.

Прим. д-р Гордана Кузмановска, раководителка на Секторот за контрола и превенција на заразни болести, изјави:

– Постојат сознанија од релевантни извори дека вирусот може да остане жив на површини до девет дена.

Стопирано е испраќањето на поштенски пратки од нашата земја кон примачи на подрачјето на Кина за наредниот период, информираа од „Македонски Пошти“.

Ситуацијата, пак, во спротивен правец е непроменета. Од „Македонски Пошти“ истакнуваат дека пратките од Кина пристигнуваат според вообичаената динамика.

– Поради ширењето на коронавирусот во Кина, авиокомпаниите кои покрај превозот на патници вршат и транспорт на поштенски пратки за Кина, имаат воспоставено привремена забрана за летовите кон и од Кина. Заради тоа, испраќање на поштенски пратки од нашата земја кон примачи на подрачје на Кина, нема да се врши во наредниот период – објавија оттаму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...