2019 што не очекува оваа година

Затоа, мои почитувани сограѓани, не можам да се оттргнам од мислата дека и оваа година ќе биде изгубена за Република Македонија, не за политичките врхушки, туку за граѓаните, кои, имам впечаток, сe повеќе се апатични, немајќи верба дека може да направиме исчекор за подобро утре.

990

Почитувани мои читатели, граѓани и граѓанки на Република Македонија, на почетокот од новата 2019 година би сакал да ви посакам крепко здравје и бодри и умни мисли и чекори со кои ќе ја градиме нашата заедничка иднина. И покрај сета желба Македонија да биде успешна, не можам да не споменам дека кај мене преовладува чувството на песимизам, и тоа од неколку причини.

Првата и најсилна е загрижувачката политичка состојба во земјата. Подвоеноста на партиите, како во македонскиот, така и во албанскиот блок, е причина за усложнување на напредокот на Република Македонија. Недостатокот политичка култура и заедничка политичка одговорност, која ќе биде над партикуларните интереси и која ќе ги стави како приоритет интересите вредни за секој граѓанин на оваа земја, доведува до немањето волја кај политичките партии и лидери зрело и низ разумен разговор да постапат во одонос на сите отворени проблеми. Тоа ме прави тажен, бидејќи веќе сум и уморен, а претпоставувам и вие мои сограѓани.

Заради политичките препукувања, пазарења и така наречени игри, на така наречените големи играчи, ние сите плаќаме висока цена. Новата влада промовира нов стил на владеење, во којшто е убедена дека постигнала голем политички успех, со промената на Законот за оданочување. Ниту од далеку немаше амбиент, па ниту отворени дебати за промена на овој закон. Бидете убедени дека консеквенциите од неговата примена, повторно ќе паднат врз грбот на граѓаните. Причината за ова мое толкување се должи пред се на фактот дека огромен процент од граѓаните живеат на работа на егзистенција и дека тој е наменет за фирми и личности, кои повеќе заработуваат и треба дополнително да го полнат буџетот на Република Македонија. Се користат искуствата од држави, конкретно Данска, земја којашто гледано од денешен аспект е многу понапред од нашата реалност.

Сакам да ја убедам актуелната власт, дека веќе има примери на фирми, посебно од информатиката, коишто веднаш по донесувањето на овој закон ги преселија своите бизниси во една од соседните земји.

Овој пример е мал сегмент, кој треба да ја отслика севкупната реалност. Богатите фирми и поединци, секако ќе изнајдат начин како да го избеднат ова дополнително оптеретување во нивните приходи и бизниси. Генерално по мене, ова е катастрофална грешка на актуелната власт. Оправдување не добив или не сме добиле, зошто економијата се движи со најзабавен раст, не само во регионот, туку и во светот. Заклучувам дека при недостаток на идеи и проекти за вистински прогрес на реалната економија на Македонија, се зафаќаме со банални работи, за коишто ниту од далеку не сме спремни да ги имплементираме.

Со промоцијата на слободните економски зони, како главен извор за капитални инвестиции, се подига голем споменик на екс премиерот во егзил Никола Груевски. Ако визијата на Груевски е вистинска визија за развојот на Република Македонија, тогаш предлагам оваа влада да го ангажира како консултант. Звучи цинично… НЕЛИ? Убедете ме дами и господа дека имате визија за оваа држава.

Уставните промени по потпишувањето на Преспанскиот договор, се веќе отворени во Собранието и сведоци сме дека се појавуваат многу барања, коишто по моја лична оценка, само ја усложнуваат и така тешката ситуација во Македонија. Наместо релаксираност во меѓуетничките односи, се соочуваме со повторно отворање на националните барања на одредени етнички групи, кои може да доведат до уште поголема криза во Македонија.

Ни претстојат претседателски избори рано на пролет, оваа година, а можни се и предвремени парламентарни избори, кои за стопанството претставуваат голем предизвик, не како да се подобри, туку како да опстои, бидејќи при вакви изборни циклуси, практиките покажуваат дека економијата секогаш стагнира.

Затоа, мои почитувани сограѓани, не можам да се оттргнам од мислата дека и оваа година ќе биде изгубена за Република Македонија, не за политичките врхушки, туку за граѓаните, кои, имам впечаток, сe повеќе се апатични, немајќи верба дека може да направиме исчекор за подобро утре. Со еден збор, агонијата на Македонија како самостојна држава, продолжува од нејзиното самопрогласување, па до денес.

Дали ќе смогнеме сили и оваа година да издржиме или време е да викнеме ДОСТА Е!

Македонија има меѓу своите граѓани мудри и искусни луѓе, меѓутоа, актуелниот политички театар таквите луѓе ги маргинализира, така што ретко ќе најдете во Македонија виспрени луѓе кои би влегле во политиката.

Ќе ми дозволите на крајот да се извинам до некои личности, кои ќе се најдат погодени од ваквите мои гледишта, меѓутоа мојата цел не е да ги повредам, туку напротив да ги мотивирам да создадат амбиент, во кој секој поединец ќе даде свој придонес во понатамошниот развој на Република Македонија.

Времето си тече, Вардар исто така од секој пат течел, а додека државите на Балканот ги менувале своите граници, а таквото менување носи болка, беда и крв.

Дали ќе пораснеме да го сфатиме овој предизвик? РАЗМИСЛЕТЕ…

Извор: Инбокс7, Автор: Трифун Костовски

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...