Град Скопје ги информира граѓаните дека од објавениот Јавен повик на 21 април до денеска се поднесени 2.860 барања за субвенции за купување велосипед, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците, информира Градот.
Според предвидените финансиски средства за оваа намена во буџетот на Град Скопје, Ве известуваме дека преостануваат средства за уште околу 300 барања.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50 отсто од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на Град Скопје за 2018 година, се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони денари се предвидени за субвенции за велосипеди, додека еден милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.
Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Целиот јавен повик граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска – www.skopje.gov.mk/uploads/јавен повик за велосипеди.
Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.