Правете тоа што ве прави среќни, порачаа „2Бона“ синоќа од Кавадарци, каде што настапија во рамките на манифестацијата Тиквешки гроздобер. Најавија добри соработки со странски музичари.
Инспирација за музиката наоѓаат во секојдневието.
Момците кои ова го работат 11 години а пред настапот рекоа дека очекуваат спектакл како и првиот пат кога биле во Кавадарци, нагласија дека си се идоли самите на себе. Додадоа дека и по десет години очекуваат да бидат на врвот на македонската музичка сцена и омилени меѓу публиката, особено кај младите.
– Донесовме нешто што фалеше на овие простори. Тој модерен саунд, модерен изглед, модерен филм што би рекле. Во иднина одиме на едно повисоко ниво – рекоа тие.
На забелешката дека многу млади ја напуштија земјава и на прашањето што планираат тие, одговорија дека надвор од границите може да одат да настапуваат и пак да се вратат тука.
– И овде има можности да се прави квалитетна музика, рецептот е во тоа да се има малку повеќе креативност. И без поплаки дека не може да се живее од музика овде – рекоа, наздравувајќи со извонредно тиквешко „розе” вино.
Тие нагласија дека сега стопроцентно и се посветени на музиката. Претходно работеле се и сешто, како сите нормални луѓе.