18 вработувања на синови, ќерки, мајки, сестри и браќа на тапет во Антикорупциската комисија

945
ФОТО: МИА

Антикорупционерите на втората седница објавија имињата на 18 роднини на функционери и пратеници кои беа вработени во државните институции и претпријатија, а кои ќе се испитуваат во наредниот период.

На листата за ревизија се  вработувањата и унапредувањата на роднините на пратеничката Мира Стојчевски, која стана позната како Мира Дизел, откако јавноста дозна за високите суми што ги зела како патни трошоци.

Потоа вработувањето на ќерката на спикерот Талат Џафери, Бесија Џафери во ЕЛЕМ, на Надица Делкова, сопруга на градоначалникот на Неготино, на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, вработена во ЕЛЕМ.

Отворен е предмет и за синот на пратеникот Горан Мисовски, за мајката на Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ, за сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши, вработен во МЕПСО, за вработувањето на сопругата на градоначалникот на општина Берово, за сестрата на пратеникот Александар Кирацовски.

Ќе се врши проверка како е вработен и синот на пратеничката Милева Ѓорѓиева, потоа работното место на сопругата на пратеникот Зекир Рамчиловиќ, ќерката на пратеничката Емилија Александрова, внуката на градоначалникот на општина Прилеп, сопругот на државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска.

Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска вели дека имаат рок од 60 дена да донесат одлука по предметите, потоа ќе дадат препорака како да се постапи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...