Фотографии, асоцијации, потсетувања, гордост. Таков е впечатокот кога ќе се најдете среде меморијалниот музеј „11 Октомври“ во центарот на Прилеп, некогашниот Участак, полициската станица од виорните времиња 1941-та. Спомен-куќата на најтешките, но и најсветли моменти од поновата македонска историја останува да ги раскажува приказните за виорните времиња пред 77 години.
Еднокатната зграда, обновена целосно пред седум години, на старите фотографии точно заличува на намената што ја имала – полициска станица, со куќарка пред неа за стражар, а наспроти мовче за да се премине Градската Река во Прилеп. Пред 77 години, кога почнувал жестокиот окупаторски систем во Втората светска војна, непожелно било да се премине реката, да се биде во близина на Участакот. Но, недвосмислено, плански, со разработена акција, тоа го направиле младите прилепчани, 18 и 19-годишни, во три групи, од кои едната на 11 октомври 1941-та храбро го нападнала средиштето на окупаторската полициска власт. Другите две со задача да ги прекинат комуникациските жици и да го нападнат прилепскиот затвор (кај денешната Пошта во Прилеп). Успешно да го означат, како што тоа и тогаш го направил Градскиот саат со отчукувањето, почетокот на една ера – нова, виорна, во првите четири години многу крвава и полна со жртви, но потоа до ден-денес, цели 73 години, окарактеризирана како единствена победоносна со конкретни резултати – создавање сопствена македонска држава, во рамките на некогашната СФРЈ. Истрелот во историската ноќ на 11 октомври 1941-та останува како – победоносен.
Виорни беа годините на Втората светска војна, но не помалку бурни, иако не толку крвави, и децениите потоа. До ден-денес. Иако државата со крвави настани се соочи во 2001-та.
Историчарите немаат дилема кога е во прашање 11 Октомври, еден од најголемите национални празници и, како што милуваат да речат, „еден од најсветлите датуми во поновата македонска историја“. И со право, смета историчарот Рубин Белчески од прилепскиот музеј.
– Единаесетти октомври е почетокот на последното победоносно востание од многуте на македонскиот народ и националностите кои живеат во Македонија. Нема дилема дека датумот е најкрупната историска одредница за иднината на Македонија, за почетокот на обликувањето и реализацијата на вековната цел – создавањето сопствена независна држава. Затоа, народното, антифашистичко востание, што симболично го означи „првиот истрел“ на 11 октомври 1941 година со нападот на полицискиот Участак е последното и успешното – нагласува историчарот Белчески.
Но, Македонија ги живее, се чини, секоја деценија историските моменти. Дваесеттиот век го заврши со раздружувањето и посебното осамостојување од една заедничка држава на федеративни републики (СФРЈ), за новиот 21 век да го почне со турбуленции – воени конфиликти (2001-2002 година), политички преврати, надмудрувања, натегнувања, пак политички, зашто за народот е јасно – која историја е порелевантна – подалечната или поблиската. Токму тој расчекор донесе одредено занемарување на големината на Народноослободителната борба и Револуцијата (1941-1945), за сметка на античкиот и комитскиот период. Тоа, се чини. доведе до, благо речено, немарност кон симболите од НОБ, од периодот на заедништвото во СФРЈ. Намерно или не, никој до денес не кажал децидно како и зошто „се загуби“ единствениот најсилен симбол на херојството од НОБ и Револуцијата – Орденот за народен херој, што на Прилеп му го додели тогашниот претседател на СФРЈ – Јосип Броз Тито. Го доби на 9 мај 1975 година. Единствен од Македонија, заедно со седум града од СФРЈ. Орденот се загуби во лавиринтите на тогашната локална самоуправа, пред околу 25 години.
Загубен, но не пронајден, орденот, велат златен, првпат деновиве добива копии. Една за музејот, поточно за да го пополни испразнетото место во меморијалниот музеј „11 Октомври“, а другата за прилепската локална самоуправа. Директорот на Завод и музеј Прилеп, Благоја Атанасоски, вели дека токму за празникот ќе пристигнат копиите.
– Направени се две копии на орденот: едната ќе биде во просториите на прилепската локална самоуправа, а другата копија во историската поставка во некогашниот Участак, сега меморијален музеј „11 Октомври“. Орденот ќе го заземе местото што го заслужува. Се потрудивме да направиме и реплика на мермерна плоча во релјеф и ќе биде изложен во прилепската локална самоуправа, а се очекува, со одлука, да биде поставен и во непосредна близина на локалната самоуправа – вели Атанасоски.
А што велат прилепчани? Како го доживуваат 11 Октомври и по 77 години? Дали за нив е само – пукање во чест на празникот, можност да се излезе на прослава, дотеран со семејството.
Прилепчанецот Симо Димоски, од повозрасната генерација, нема дилема – 11 Октомври е празник на гордоста и треба да го има достојното место.
– Единаесетти октомври е најголемиот празник за македонскиот народ. Треба да го почитуваме и да го засакаме како таков. И слушам, барем копија се прави од орденот за Прилеп – град народен херој, Така треба. Орденот треба да се врати. Празникот е гордост за нас – вели Димоски.
Стигна и веста – првпат Прилеп и Куманово заедно ќе го прославуваат празникот. Димоски ја поздравува идејата, оти, вели, таа значи – заедништво.
– Идејата за заедничка прослава на 11 Октомври на Прилеп и Куманово треба да се прослави. Така треба. И не само со Куманово, треба да се обединиме и со сите градови. Најбитно е заедништвото, а не да се делиме – дециден е Димоски.
Помладите генерации прилепчани не сакаат отворено да говорат, па макар и за тоа што знаат и што им значи празникот. Не нудат детали или информации за тоа што е 11 Октомври. За некои е и личен роденден, па имаат пригода да го слават, за други, неинформирани, е победа над окупаторот. А не почеток на борба. Прилепчанецот Димоски смета дека е виновна недоволната информираност, намерна или не низ годините, за значењето на 11 Октомври.
– Младите генерации се слабо информирани за празникот 11 Октомври. Оттука произлегува и нивната незаинтересираност. Претежно си ги гледаат нивните интереси, бараат подобар живот, не ги интересира минатото, а треба. Треба да ги интересираат минатото, но и иднината, која останува на нив. Но, ќе видиме. Од нас зависи како ќе ги убедиме младите да веруваат во минатото и, пред сѐ, во иднината. Тоа е поврзано – вели Димоски.
За историчарот Белчески, не е оправдување филозофијата на новите генерации дека не им треба размислувањето за минатото, кога им се неизвесни, материјално, сегашноста и иднината.
– Не држи оправдувањето за материјалната несигурност на новите генерации за да не ги знаат историските факти. Не е проблем да се знаат историските факти, еве, за 11 Октомври. Наше е уште од мали новите генерации да ги учиме да ја почитуваат таа историја, бидејќи оттука потекнува сѐ. Често велам – не ја учиме историјата за да го знаеме минатото, туку за да знаеме како да се однесуваме во иднината. Од минатото да ги црпиме грешките, искуствата, за да знаеме што да применуваме во иднината – нагласува Белчески.
Благоја Атанасоски, директор на прилепскиот Завод и музеј, вели дека меморијалниот музеј „11 Октомври“ го посетуваат учениците, домашните, но и странските туристи. Не може да каже колку годишно е бројката на посетеност, но, вели, охрабрува што има најави дека посетата ќе влезе во задолжителните ученички екскурзии. Со тоа и се учат фактите од историјата.
– Испративме официјален допис до Министерството за образование и до Министерството за култура за посетите на сите споменици и музеи што ги имаме во Прилеп и околината да бидат внесени во училишните програми. Најавено ни е дека е донесена позитивна одлука – вели Атанасоски.
Единаесетти октомври 1941-та останува една од најзначајните одредници во македонската историја. И за минатото и за иднината.
Елизабета Митреска