11-годишното девојче за 3 месеци ќе стане мајка – освен силен стрес, има опасност и од компликации

753
Случајот со 11-годишното девојче од Кочани кое е во шестиот месец од бременоста, a е сместено во мал групен дом, ја разбранува јавноста во земјава и отвори многу прашања и дилеми – колку е опасно кога дете треба да роди дете – и по здравјето на мајката и на плодот? Дали старателот на детето можел да влијае во оваа ситуација и други прашања.

Гинеколозите од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, каде досега немало случај на толку млада трудница, нагласуваат дека во оваа  установа не се запознаени со конкретниот случај, бидејќи девојчето таму воопшто не се јавило на преглед. Податоците коишто ни ги дадоа се однесуваат на сите јувенилни бремености, општо земено, а се поткрепени со медицина базирана на докази според интернационалните упатства.

Може да се јават и генетски и други компликации

Доцент д-р Ана Данева Маркова, гинеколог на оваа клиника и претседателка на Комитетот за зајакнување на системот за превенција, заштита и известување за насилство врз деца, предупредува на опасностите од бременоста на детска возраст.

– Секако дека е голем стрес, а најмногу се одразува на менталната состојба на детето, но и на физичката – организмот на детето треба да се преобрази и да се подготвува за раѓање на дете. А е на возраст на која дел од врсничките сѐ уште не добиле ниту циклус! Може да се јават и генетски и други компликации, кои се јавуваат кај постарите родилки. Но може да ја износи бременоста и без компликации, а дури и породувањето може да биде без компликации. Но сепак јувенилната бременост (бременост на детска возраст) е голем ризик! Не сме имале толку рана бременост а да дојде до толку одмината фаза на клиника, каде имало трудници на 12-годишна возраст – вели д-р Данева Маркова.
Таа нагласува дека старателите на малолетни деца, по Законот за прекин на бременоста, зависно од причината, имаат право, да решат дали бременоста ќе се прекине.
– Секој случај на бременост кај малолетничка што е под 22-ра гестациска недела поминува на Комисија. Зависно од причината, има право, не детето, туку старателот да реши дали бременоста ќе се прекине. А и по 22-ра недела, во одредени состојби, може бременоста да се прекине, доколку постојат одредени ризици за мајката и за плодот. Оваа возраст сепак е многу рана и кај нив некогаш цуклусите се и ановолуторни, односно без јајце клетка, но во случајов се случило поинаку – додава д-р Данева Маркова.

Според УНИЦЕФ, малолетничката бременост се дефинира како забременување на тинејџерки, обично на возраст од 13 до 19 години. Во секојдневниот говор терминот обично се однесува на девојки кои забремненуваат пред полнолетството, што пак, варира зависно од државата.

Многу млади мајки се откажуваат од училиштето

Бременоста и компликациите при породувањето се втора по ред причина за смрт кај девојките на возраст од 15 до 19 години, на глобално ниво! Тинејџерската бременост и родителство го зголемува ризикот за мајките и нивните новороденчиња. Најчести ризик фактори се: висок крвен притисок, помала родилна тежина на новороденото, предвремено породување, анемија, потхранетост, сексуално преносливи инфекции.

Бременоста кај адолесцентите може да има негативни социјални и економски ефекти на девојките, нивните семејства и заедници. Многу млади мајки се откажуваат од училиштето. Девојките со малку или без образование имаат помалку вештини и можности да сe вработат. Ниски семејни приходи – сиромаштија и сиромашен социјален живот

Што да се направи за превенција на малолетничка бременост? Се препорачува да се зголеми возраста за стапување во брак, над 18 години. Да се намали сиромаштијата, да има сексуална едукација на адолесцентите, сервиси за испорака на контрацепција на адолесцентите, како и редуцирање на условите за небезбеден абортус и јакнење на антенаталната, постнаталната грижа и грижата во тек на породувањето кај малолетните трудници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...