11-годишното бремено девојче е жртва и на институциите

Во конкретниот случај, откриени се доверливи податоци за случајот, вклучително и локацијата каде се наоѓа малолетното лице, што претставува кршење на одредбите за доверливост на корисниците на услуги од социјална заштита, со што дополнително се виктимизира малолетна жртва.

314

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира на начинот на кој во јавноста беше презентиран случајот на единаесетгодишното девојче во поодмината бременост, кое по извршен увид од страна на вонредниот инспекциски надзор на Министерство за труд и социјална политика, било посетено во малиот групен дом во Берово каде била згрижена.

„Во конкретниот случај, откриени се доверливи податоци за случајот, вклучително и локацијата каде се наоѓа малолетното лице, што претставува кршење на одредбите за доверливост на корисниците на услуги од социјална заштита, со што дополнително се виктимизира малолетна жртва. Во духот на Истанбулската конвенција и Конвенцијата за правата на детето, Министерството за труд и социјална политика треба да постапува во најдобар интерес на детето, кое во случајов е жртва и да изготви соодветен индивидуален план за понатамошно постапување во случајот. Од исклучителна важност е малолетното лице да биде безбедно згрижено и понатаму и да се превенира какво било натамошно изложување на ризик. Дополнително, според досегашните сознанија случајот е веќе пријавен во полиција и поднесена е соодветна кривична пријава“ се вели во реакцијата од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму додаваат дека во случајот се работи за малолетно лице на кое му било обезбедено интервентно сместување во мал групен дом од страна на Центарот за социјална работа во Кочани заради заштита во кризна состојба.

„Согласно Законот за социјална заштита, привремен престој, интервентно згрижување и специјализирано згрижување се услуги преку кои се обезбедува заштита, згрижување и поддршка на лица кои се наоѓаат во кризна состојба и жртви на насилство, кои можат да бидат и деца“ појаснуваат од Комитетот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе продолжи да го следи постапувањето на надлежните органи по овој случај, вклучувајќи го Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...