107.000 долари за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата ВИДЕО

164

Заедничко имплементирање на мерките за унапредување на здравјето на мајките и на новороденчињата и придонес за намалување на нивната смртност, треба да овозможи договорот што денеска го потпишаа министерот за здравство Венко Филипче и директорката за население на ОН (УНФПА) за Македонија, Доина Болога.

– Владата на Република Македонија за првпат овозможува да се реализира ваков вид договор во нашата земја, но и пошироко во регионот – рече министерот Филипче по потпишувањето на Договорот.

Тој нагласи дека овој договор предвидува до крајот на годинава во соработка со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи и УНФПА да се реализираат повеќе активности: спроведување обуки во двете родилишта кои покриваат најголем процент од породувањата во државата, примена на практики согласно последните стандарди на СЗО за грижа на мајките и на новороденчињата, обука од искусни консултанти на СЗО во текот на примената на практиките за унапредување на здравјето на мајките и бебињата, финализирање и имплементација на стандардите за гинекологија и акушерство во одредени болници…

Тој посочи дека договорот предвидува и прилагодување на клиничките протоколи и упатства засновани на медицина базирана на докази за перинатална грижа, прилагодување и акредитација на материјалите за обука за ефективна грижа за мајките и новороденчињата кои ќе бидат дел од континуираната медицинска едукација на гинеколозите, неонатолозите и акушерките, поефикасно и навремено ажурирање на податоците поврзани со здравјето на мајките и на бебињата и зголемување на свесноста меѓу бремените жени и нивните семејства за навреме да ги препознаат знаците на опасност и несаканите последици во текот на бременоста и по породувањето.

– Договорот ќе се реализира според моделот за дуплирање на средствата, таканаречен „matching funds“. Тоа значи дека Владата, Министерството за здравство и Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, обезбедија одредена сума, која потоа беше дуплирана од УНФПА. Со тоа вкупната сума за реализација на мерките за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата достигна до 107.000 долари за оваа година – рече Филипче.

Тој посочи дека на овој начин се зајакнува и Програмата за заштита на мајки и деца на Министерството за здравство за 2018 година, која се финансира од Буџетот на Република Македонија и додаде дека тоа е уште една гаранција дека ќе продолжат активностите за зајакнување на ефективната грижа на мајките и на бебињата за време на бременоста и по породувањето.

Договорот е усогласен со Програмата на УНФПА за Македонија за периодот 2016-2020, како и со едно од приоритетните национални прашања.

Заменик-регионалниот директор на УНФПА, Иан МекФарлан рече дека е горд што УНФПА работи во тесна соработка со Владата, со граѓанското општество и останатите партнери во здравствениот систем.

– Во насока на постигнување резултати пристапите во однос на остварување на квалитетот на грижа за подобрени исходи поврзани со бременостите и породувањата треба да се мултидисциплинарни, да вклучуваат здравствени стручњаци, како гинеколози, акушери, бабици, неонатолози, медицински сестри, но исто така и мајките и татковците – истакна МекФарлан.

Тој посочи дека денешното потпишување на Договорот укажува на сериозната заложба на Владата за решавање на овие особено приоритетни прашања.

Одговарајќи на новинарско прашање Филипче рече дека во соработка со експерти од УНФПА се спровела проценка на состојбата во родилиштата во Скопје и низ целата држава, резултатите се сумирани и врз основа на тоа ќе изградат стратегија за имплементирање на следните мерки.

– Втората мерка која веќе се спроведе е тренинг на тренери. Околу 30-тина гинеколози, неонатолози се тренираа да бидат тренери во своите области и со чија помош понатаму ќе ги спроведеме тренинзите низ другите родилишта во нашата земја. Таму каде што сметаме треба да се дополни кадар, опрема, а тоа ќе го направиме во клиничките болници во Штип, Битола и во Тетово, каде се спроведуваат мерки и во пресрет излегуваат агенции со донација, а делумно правиме план за набавка преку Министерството за здравство – додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање Болога истакна дека во последните години УНФПА значајно го поддржува Министерството и мерките кои се предлагаат во овој момент не се многу скапи мерки.

– Значи зборуваме за стандарди за повторна обука на луѓето нештата да ги прават на еден подобар начин. На овој начин се дава еден вид на подлога за проценка на потребите од опрема каде се потребни дополнителни инвестиции и дополнителна обука. Но, во овој стадиум се надевам дека и со овие минимални мерки во поглед на трошоци ќе имаме значително намалување на смртноста и морбидитетот како кај мајките така и кај децата. Ќе ставиме акцент на неонаталната грижа – додаде Болога.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...