Владата само за оваа година определи 20 милиони евра за поддршка на компаниите за трите столбови од планот што е три пати повеќе од порано. По сите други основи вредноста е 50 милиони евра. Ова е политика на враќање на парите назад кон стопанството и граѓаните. Политиките од Планот за економски раст враќат кон стопанството и граѓаните 70 милиони евра рече, премиерот Зоран Заев на прес конфернецијата на која беа промовирани договорите за доделување државна помош на компании од првиот и вториот столб на Планот за економски раст, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Тој информира дека за 100-те компании обезбедена е помош од државата од 9, 2 милиони евра, но тие, како што рече, веќе инвестирале над 90 милиони евра, што е цел и на овие мерки на владата. Во овие компании во минатата година работеле 14.000 вработени и отвориле нови илјада работни места.
– Првпат под исти услови домашните и странските компании ќе добиваат државна финансиска поддршка на транспарентен начин за остварените резултати. Сите компании кои аплицираа и ги исполнија условите ќе мора да покажат документи и фактури за реализација на инвестицијата за да им биде доделена помошта – рече Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев укажа дека првпат во историјата на Македонија е донесен Закон со кој им се доделува помош на домашни компании. На првиот оглас ваква помош добиле 100 домашни компании, а заедно со целокупната помош се некаде над 190 компании кои добиле поддршка на транспарентен начин.
– Тие компании не се само компании од Скопје туку се дистрибуирани во целата земја. Во Скопје 28, Битола Кочани и Струмица 7, Прилеп и Куманово 6, Охрид и Штип по 4 компаниии што е најважно, се внимавало на локалниот и рамномерниот развој, Боговиње има 4 компании што е исклучително добро. Овие компании не ги биравме ние туку тие ги задоволиле критериумите од Законот – рече Анѓушев.
Анѓушев рече дека посебно е важно што 12 компании ќе инвестираат во едукативни центри.
Од компаниите кои ги добиле парите пет се микро компании, 49 се мали компании, 32 средни, а 19 се големи компании.
– Инвестициите ќе ги направат компаниите конкурентни, а ние како Влада стоиме за да им помогнеме на транспарентен начин без разлика дали се домашни или странски – рече Анѓушев.
Критериумите за добивање државна помош согласно податоците на Централниот регистар ги исполниле 600 компании кои во изминатата година инвестирале и го задржале бројот на вработените. Од нив 182 аплицирале за добивање државна помош.
Компаниите за можноста за добивање државна помош биле известени по меил на адресата што ја оставиле во податоците во Централниот регистар.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека од вчера за 100-те компании веќе треба да стасуваат барања за исплата на парите.
Тој рече дека распределбата на парите се врши според критериумите предвидени во законот а не според сопственикот на компанијата.
– Ова е закон и не ги делиме компаниите кој е сопственик и не ги делиме дали се домашни и странски. Сите кои ги исполнуваа двата критериума и се квалификуваат и ние како држава им даваме финансиска помош. Јас не гледам кој е сопственик на компанијата туку дали ги исполнува критериумите – рече Бектеши, одговарајќи на забелешката дека е мал бројот на компании кои добиле државна помош чии сопственици се Албанци.