Агенцијата за управување со одземен имот отстапи над 100.000 парчиња текстил, обувки, канцелариски материјал, апарати за домаќинство и други предмети на 26 институции, меѓу кои и Министерството за труд и социјална политика, општини, училишта, Црвениот крст, Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, како и за потребите на манастири и ИВЗ.
Директорот на Агенцијата, Фатон Асани, при доделувањето на одземената стока истакна дека за неа има правосилни решенија и оти во најголем дел таа е запленета од Царинската управа. На ваков начин, рече, им се помага на овие институции и се заштедуваат средства од државата.
Асани истакна дека околу 30.000 парчиња разна стока на повеќе институции им биле доделени и минатата година.
– Кога дојдов да раководам со оваа институција имаше шест милиони непреземени парчиња стока од Царинската управа. Успеавме да ги намалиме на четири милиони, а се надевам дека наскоро ќе ги намалиме на два, рече Асани.
Тој притоа посочи дека Агенцијата работи и на справување со запленитете возила. За да се расчистат, рече, исто како и за другата стока е потребно да има правосилни решенија за одземање, но и доколку има такви решенија, да се најдат возилата и да се направи проценка дали имаат употребна вредност и можат да се донираат или пак да се продадат за старо железо.