10%

Со 10% помалку (кражби), ќе имавме барем 10% повеќе млади. Најмалку 50.000 пара чевли повеќе ќе газеа на македонско тло, а не в туѓина. Исто толку појадоци секој ден ќе ја правеа земјата пожива, повесела, помлада..

1191

Да крадеа 10% помалку, секоја болница во Македонија ќе изгледаше како Ремедика, секое училиште ќе беше како американското средно во Скопје, улиците и патиштата ќе беа безбедни и рамни, барем како грчките… Ќе имавме велосипедски патеки, функционални возила на брзата помош, светилки, ветерници, соларни панели, амбуланти во секое село и гратче… И сѐ ќе изгледаше пристојно, чисто, приемчиво, па и богато. Вистинска бајка! Можна!

Само со 10%, еј! Пресметките се груби, но замолив да ги направат луѓе што се разбираат во економија и развој. И веднаш, прашањето: Зарем не можеше системот да воведе барем 10% подобра заштита и почитување на законот?

Тревожните проекции продолжуваат да се редат, иако не со голема стручност, туку со чист човечки револт и со тага. Проценете сами дали е потребна висока научна стручност да се извлечат овие заклучоци.

Со 10% помалку (кражби), ќе имавме барем 10% повеќе млади. Најмалку 50.000 пара чевли повеќе ќе газеа на македонско тло, а не в туѓина. Исто толку појадоци секој ден ќе ја правеа земјата пожива, повесела, помлада…

Да имаше 10% помалку верски и партиски фанатици и милитанти, ќе имаше многу повеќе љубов, многу повеќе морал… Свештениците од сите вери да посветеа 10% помалку време на политика и да не го благословуваа грабежот и омразата, ќе имаше 10% повеќе божјо присуство во животот на оние луѓето што веруваат во (any kind of) Бог.

Со 10% помало Скопје 2014, ќе имавме 100 милиони евра повеќе, за попристојни плати, стипендии и лекување на тешките болести кај децата. Истата 10-ка важи и за генерацијата во залез, па ќе имаше подостоинствени услови за разделба со светот – сите геријатрии ќе изгледаа како Сју Рајдер, каде што чекате ред и да имате пари… Да, тоа е генерацијата што цел живот плаќала здравствено, социјално и пензиско осигурување, да не зборуваме за некогаш популарниот самопридонес за патишта, болници, училишта, развој…

Ова не е крик, ниту апел за 10% совест и добрина, не е повик за 10% правда, бидејќи совеста, добрината и правдата не можат да се изразат во проценти – или ги има или ги нема. Или, сепак, може? Да се обидеме… Со само 10% повеќе прифатени барања од нашето херојско СЈО, ќе имавме повеќе тешки криминалци во притвор, а можеби и дисплејот на Заев ќе покажеше повисока сума вратени пари на граѓанките и граѓаните…

Со 10% помалку омраза и пропаганда за амнестија, 10% помалку играње за Москва, а исто толку повеќе за Македонија, ќе имаме многу повеќе шанси за успешен референдум, далеку над потребниот цензус. Со 10% подобра работа на институциите поврзани со изборните процеси, ќе имавме исто толку подобар Избирачки список, а со тоа и поквалитетни изборни процеси, повеќе демократија, транспарентност, добро владеење.

Ако ова набројување го продолжам за само 10%, за исто толку ќе (ни) го упропастам почетокот на новата учебна година, кога нашите деца немаат учебници, а неизвесно е дали ќе имаат доволно греење и хигиенски средства во есенските и зимските месеци што се на прагот.

Само 10%, еј!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...