Гледате интелектуалци кои ја бранат власта и нејзините негативни постапки? Збунети сте од вашиот омилен инфлуенсер, кој одеднаш ги релативизира чекорите кои претходно ги осудувал кај другиот табор?
Во прилог, 10 начини како да ги препознаете манипулациите, спиновите и релативизациите од лицата кои се обидуваат да влијаат на вашите размислувања во јавниот простор. Или едно анти-упатство за релативизации, за одбрана на функционери од власта, погодно за сите времиња. За среќа, сите релативизации, спинови и мека или силна пропаганда, имаат логички грешки. Сѐ што треба е да научите повешто да ги препознавате.
- Дискредитација на критичарите
Свртување на вниманието кон нив од актуелниот проблем, со негативни епитети и етикети, напади ад хоминем, анализи на нивните маани до бескрај, фокусирање на разговорот во јавноста на секоја личност која проговорила гласно со мислење, а не на она што се случило. Тие може да бидат разни, во зависност од актуелната тема – може да бидат соросоиди и платеници, може да бидат небањати и вмровци, може да бидат и малограѓани, може да бидат многу работи.
- Погрешни аргументи
Луѓето често велат „ама јас имам аргументи, еве ова е аргументирана дебата“. Аргументи имаат сите, ништо посебно не сте направиле со „имањето аргументи“. Аргументите може да бидат уверливи, и цврсти или погрешни, и лажни или слаби и недоволни.
- Грешки на релевантност
Солидни аргументи и докази во расправата и докажувањето – целосно нерелевантни за извадениот заклучок.
- Споредба со полоши постапки на спротивниот табор
На овој начин дискусијата никогаш не може да се задржи на темата, секогаш ќе се дискутира за неверојатно полошиот противник од политиката во другиот табор.
- Плашила
Ова е делумно поврзано со претходното. На пример, дискусијата често се води во насока на тоа дека ако сега се дава критика на оваа власт, ќе се врати лошото ВМРО. И тогаш, што ќе правиме? Или уште попозната како „ако не, па ВМРО да го вратиме“. Секако, ова е само дефокус и пропаганда, со втерување страв од лошиот диктатор, кој може да се врати во секое време, ако цело време се буниме зошто некои животни се поеднакви од другите. Всушност, можеби е време да се препрочита „Животинска фарма“ од Орвел.
- Емотивна манипулација
Во одбраната на постапките на функционерите често не се користат фер правила на игра. Најдобра манипулација секако се емоциите, емотивно сожалување кое се користи како одбрана на некоја негативна постапка.
- Црвена харинга
Кога се разговара за критика кон власта во одредена област, а доаѓа да ја одбрани одреден „инфлуенсер“ за некоја друга постапка која тој смета дека е добра, во сосема друга област.
- Аргументи од незнаење
Многу луѓе се уверени дека знаат многу работи во политиката. Не знаат. Тие, пак, што знаат, знаат колку не знаат – и така во круг.
- Генерализација
Генерализација е логичка грешка со која се влече генерален заклучок од еден случај или пример и се вели дека тоа е така за сите ситуации и случаи.
- Мешање „баби и жаби“ или погрешни споредби
Многу честа логичка грешка на социјалните мрежи и во медиумите. За да се изрелативизира некој случај, често се споредуваат две ситуации кои една со друга се целосно различни.
Овие алатки се познати и разгледувани методи, како во литературата за комуникации, така и во онаа за критичко размислување и анализа. Има уште доста примери, но доволно е и ова, за да се разберат подобро одредени работи на социјалните мрежи.
Преку посегнување кон ваквиот тип на манипулации, јавноста која постепено ги препознава во одредени постови/статии, не го менува своето мислење во полза на власта, туку напротив – ја губи довербата и тоа не само во неа, туку и во новата армија јавни личности кои посегнуваат по овие методи за одбрана на постапките на власта или нејзините функционери.
Тоа може да се гледа и како придобивка за нашата демократија. Тонењето на нивниот лажен кредибилитет, може да биде и постепено отворање простор за нови и млади луѓе, со различна визија и независна мисла во јавното мислење во Македонија.
(ФБ статус на авторката)