Новиот британски премиер Борис Џонсон и неговата девојка Кери Симондс денеска се вселија во Даунинг стрит 10, изјави неговиот портпарол.
Со ова Џонсон стана првиот британски премиер во историјата кој живее со невенчана партнерка во премиерската резиденција.
Во јавноста се шпекулираше за тоа дали Симондс, која брзо стана главна тема во британските таблоиди, ќе му се придружи на Џонсон во Даунинг стрит. Кабинетот на Џонсон минатата недела соопшти дека сѐ уште не е познато дали двојката ќе живее заедно.
Џонсон сѐ уште не е официјално разведен од втората сопруга Марина Вилер со која има четири деца. Нивниот развод беше најавен во септември минатата година, после 25 години брак, кусо откако беше потврдена врската на Џонсон со Кери Симондс.
После победата на Џонсон на изборите за нов лидер на конзервативците, Симондс му се придружи пред Даунинг стрит 10 за време на првиот говор во улога на премиер.
Таа исто така имала успешна политичка кариера. Била дел од тимот кој ја водел кампањата за реизбор на Џонсон за градоначалник на Лондон во 2012 година.
Симондс со 29 години станала најмлад директор за комуникации во историјата на конзервативците, а аналитичарите велат дека нејзината улога била клучна во „доведувањето во ред на неуредната појава на Џонсон за време на кампањата“.
Фото: EPA/NEIL HALL