Британскиот премиер Борис Џонсон денеска во Парламентот изјави дека е убеден дека го постигнал најдобриот можен договор со Брисел за излегувањето на Велика Британија од Европската унија и ги предупреди пратениците дека нема подготвеност во ЕУ за натамошно одложување.
– Верувам дека ова е добар аранжман. Со овој нов договор, можностите за нови преговори, плодни преговори се исцрпени … Има многу мала подготвеност од страна на нашите пријатели во ЕУ ова да се продолжи и за еден ден – рече Џонсон.
Лидерот на опозициската британска Лабуристичка партија Џереми Корбин, пак, во Парламентот изјави дека граѓаните мора да го дадат последниот збор за излез на земјата од Европската унија и дека неговата партија нема да го поддржи договорот на премиерот Џонсон со Брисел за Брегзит.
– Денешното гласање за договорот нема да биде крај за Брегзит. Тоа нема да донесе сигурност и последниот збор мора да го даде народот. Ние не можеме да гласаме за договор, кој дури е полош од оној што Парламентот трипати го отфрли – рече Корбин.
Британскиот Парламент на денешната вонредна седница ќе се изјасни за договорот со ЕУ за Брегзит, чиј краен рок е 31 октомври.
Фото: EPA/UK PARLIAMENT/JESSICA TAYLOR