„Џокер“ стана најпрофитабилниот филм на сите времиња базиран на стрип, заработувајќи повеќе од 950 милиони долари на глобално ниво.
Филмот зборува за тоа на кој начин Артур Флек, кој го игра Хоакин Феникс (45), станал Џокер, противникот на Бетмен и еден од најпознатите негативци од стриповите. Филмските познавачи спомнуваат и за можната номинација за Оскар следната година, пренесува Би-би-си.
Филмот досега заработи 15 пати повеќе од сумата која беше вложена во неговото снимање, пренесува „Форбс“. Режисерот Тод Филипс го режираше со буџет од 62,5 милиони долари, што е само не голем дел од сумата која е вложена во голем број други филмски адаптации на стрипови и филмови за стрип јунаци.
Avengers: Endgame, филм базиран на стрип кој досега на глобално ниво забележа најголема заработка, инкасираше околу 2,8 милијарди долари, но беше снимен со буџет од 365 милиони долари.
„Мислам дека филмот сам по себе претставува интелектуален филм базиран на стрип и на луѓето тоа едноставно им е интересно“, изјави филмската новинарка Хелен О’Хара за Radio 1 Newsbeat. „Љубителите на стрипот го гледаат бидејќи се базира на стрип приказна, но се пласира добро и меѓу оние кои не се обожаватели на таквите адаптации“.
Успехот на „Џокер“ значи дека е попрофитабилен од „Venom“ со Том Харди, кој заработи 854 милиони долари, со почетен буџет од 90 милиони долари, како и филмот Deadpool со Рајан Рејнолдс, кој заработи 783 милиони долари, со буџет за снимање од 58 милиони долари.