Џокерот на Ахмети – пратеничките мандати да се делат според пописот од 2002 година

Според пресметките на партијата на Али Ахмети, во Собранието 77 пратенички мандати ќе бидат загарантирани за Македонците, Албанците ќе имаат 30 пратеници, 5 ќе бидат загарантирани за Турците, Ромите ќе имаат 3 пратеници, Србите 2, додека Власите, Бошњаците и другите би имале по еден пратеник.

11537
ФОТО: EPA-VALDRIN-XHEMAJ

Освен над 6.000 амандмани кои ДУИ досега ги стокми за да не помине предлогот за измени на Изборниот законик во делот на изборниот модел, интегративците во џеб или како џокер подготвиле и пет до шест амандмани кои доколку се исцрпат илјадниците ќе ги активира на самата комисиска расправа, потврдуваат за Плусинфо од пратеничката група на ДУИ.

Ова е потврда дека ДУИ е решена да ги употреби сите механизми во Собранието за да ги блокира измените на изборниот модел, односно наместо шест Македонија да биде една изборна единица.

Еден од џокер амандманите за блокада на Изборниот законик е пратеничките мандати да се врзат со последниот попис на населението од 2002 година.

Според ова, ако пратеничките мандати се поделат според последниот попис, Македонија да биде една изборна единица и да има загарантирани места, за да се обезбеди правична застапеност, според пресметките на партијата на Али Ахмети, во Собранието 77 пратенички мандати ќе бидат загарантирани за Македонците, Албанците ќе имаат 30 пратеници, 5 ќе бидат загарантирани за Турците, Ромите ќе имаат 3 пратеници, Србите 2, додека Власите, Бошњаците и другите би имале по еден пратеник. ДУИ предлага и изборниот праг да биде од 3 до 5 отсто.

Од партијата повторуваат дека изминативе месеци ДУИ гласно се спротивставила на промената на изборниот модел, без разлика дали предлогот доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ, бидејќи тоа, според нив, е на штета на правичната застапеност во Собранието.

Од партијата засега не ја откриваат содржината на илјадниците амандмани, само додаваат дека се во насока на зачувување на демократијата и на консензуалното одлучување. Оттаму додаваат дека иако станува збор за неколку илјади амандмани, тие брзо биле подготвени.

Амандманската расправа за измените на Изборниот законик во Собранието почнува утре во матичната комисија за политички систем.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...