Џозеф: Пораката на САД за границата Косово-Србија погубна за БиХ и Македонија

Пораката на Болтон дека Вашингтон не ја исклучува опцијата за територијални корекции доколку Белград и Приштина се договорат, Џозеф ја оцени како најважна изјава на еден американски функционер за овој регион од 1991 година.

491

САД наивно веруваат дека со промена на границите на Србија и Косово, конечно ќе се реши овој проблем, оцени во интервју за Радио Слободна Европа Едвард Џозеф, професор на Универзитетот Џонс Хопкинс, а кој бил во повеќе меѓународни мисии на Балканот.

Тој вели дека со изјавите, како оние на Џон Болтон, советник на американскиот претседател Доналд Трамп, дека останува на Белград и Приштина да се договорат, всушност се охрабрува и опцијата за промена на границите.

Џозеф оценува дека идејата за размена на територии како решение ќе добие на замав.

– Друго прашање е дали Белград и Приштина ќе можат конкретно да се договорат кои територии би биле дел од тој договор. Исто така, се поставува многу сериозно прашање, а тоа е дали ќе можат да се превенираат негативните ефекти од таквото решение по БиХ, Македонија и Србите јужно од Ибар. Сметам дека ќе биде потребен дополнителен ангажман на меѓународната заедница, вклучително и Вашингтон, за да се спречат такви последици – оцени Џозеф.

Пораката на Болтон дека Вашингтон не ја исклучува опцијата за територијални корекции доколку Белград и Приштина се договорат, Џозеф ја оцени како најважна изјава на еден американски функционер за овој регион од 1991 година кога тогашниот американски државен секретар Џејмс Бејкер рече дека не е нивни проблем тоа што Југославија се распаѓа.

– Болтон, во основа го повторува истиот став, нагласувајќи дека на САД не им е грижа како Белград и Приштина ќе го решат тоа прашање. Тоа е наивна и кусогледа изјава, затоа што не ги зема предвид последиците од такво решение – истакна Џозеф.

Тој потенцира, дека од друга страна, статус кво не одговара на ниту една страна. Србија не може да влезе во ЕУ, а Косово ни во ЕУ, ни во ОН доколку не биде постигнат меѓусебен договор.

Истакнувајќи дека претседателите на Србија и Косово Александар Вучиќ и Хашим Тачи наводно одржале повеќе приватни средби, Џозеф потсетува дека опозицијата во двете земји се противи на идејата за размена на територии. Тој се осврнува и на терминот кој се користи – територијални корекции.

– Поимот „корекција“ имплицира дека постоела историска грешка, која сега треба да се поправи. Може да се претпостави дека станува збор за територијалната организација за време на Јосип Броз Тито, кога некои општини со српско мнозинство се припиоени кон Косово, а други, со албанско мнозинство, се припоени на Србија. Тито стравуваше од привлечноста на Косово за Албанија, Македонија за Бугарија, како и Војводина за Унгарија. Тоа е единствена причина зошто Војводина и Косово не добија статус на републики, иако ги имаа сите атрибути, вклучувајќи и интерни граници – истакнува професорот.

Тој оценува дека евентуалната промена на границите би ги охрабрила и останатите на Балканот.

– Голем број Срби во Република Српска не ја доживуваат Босна и Херцеговина како своја земја, ниту чувствуваат лојалност кон престолнината Сараево. Дури и ако Вучиќ и Тачи соопштат дека договорот за промена на границата меѓу Србија и Косово се однесува само на тој случај, што би ги спречило Србите во РС да агитираат за независност? Зошто нивните сонародници од Косово можат да се приклучат кон Србија, а тие не можат, без разлика на различните околности. Ако РС се отцепи од БиХ, тогаш ќе заминат и Хрватите. Каква ќе биде реакцијата на Бошњаците? Дали ќе дозволат без борба да им се распадне земјата? Станува збор за сериозни компликации – предупредува Џозеф.

Според его, исто се однесува и на Албанците во Македонија.

– Во таа варијанта Косово, неизбежно би се обединило со Албанија. Значи, промената на границата на Косово и Србија веднаш негативно би се одразила и на малцинските права. Ги спомнувам Србите јужно од Ибар, затоа што би престанал да важи планот на Марти Ахтисари, кој почива на претпоставката дека во Косово постои значително српско малцинство чии права треба да бидат гарантирани- истакна Џозеф во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...