Основачот на „Амазон“ Џеф Безос ја купил од медиумскиот магнат Дејвид Гефен вилата во Лос Анџелес со што го соборил рекордот кога станува збор за трансакции од овој вид, пишува „Волстрит журнал“.
Најбогатиот човек на светот недвижноста „Ворнер“ ја платил дури 165 милиони долари.
Со тоа е соборен претходниот рекорд кој изнесувал 150 милиони долари кој лани го постави извршниот директор на „Фокс корпорација“ при купувањето на вила во Бел Ер.
Вилата која ја купил Безос е изградена во 1937 година и ја направил шефот на студиото „Ворнер брос“ Џелк Ворнер. На имотот се наоѓаат огромни балкони, градини, гостински куќи, тениски терен и терен за голф.
Гефен имотот го купил за 47,5 милиони долари 1990 година, што исто така бил рекорд во тоа време.
Не е познато кога Безос ќе почне да ја користи оваа вила, а наводно претходниот месец купил и уште еден имот вреден 90 милиони долари во Лос Анџелес, како и три апартмани од 80 милиони долари во Њујорк.
Богатството на Безос е проценето на 131 милијарда долари.