Светските диктатори имале необични ритуали за време на јадењето, а повеќето од нив сакале да јадат храна за која би можеле да кажеме дека е екстремна. Така на пример некои сакале да јадат гулаш од кобра, кучиња, а некои дури и луѓе.
Многу детали се објавени во книгата „Вечерата на диктаторот: Водич за забава на тиранинот“, а ова се само некои од нив.
Ким Џонг Втори наводно сакал супа од пераи од ајкула, но и супа од куче. Постои приказна дека една група жени воделе сметка во јадењата од ориз сите зрна да имаат иста големина.
Адолф Хитлер бил вегетаријанец, а некои веруваат дека тоа е заради идеологијата. Сепак, најверојатно престанал да јаде месо затоа што страдал од запек и гасови во стомакот. Велат дека до крајот на Втората светска војна јадел само бистра супа и пире од компир. Параноично се плашел од труење па во тимот имал дури 15 луѓе кои ја испробувале храната. Ако никој од нив не умрел 45 минути по оброкот, Хитлер почнувал да јаде.
Јозеф Сталин сакал традиционална грузиска кујна – јаткасти плодови, шипинки, сливи, кромид и добри вина. Уживал во долгите оброци кои траеле и по шест часа, а сакал и пијанчења во кои останувал последен на нозете. Во неговиот тим на готвачи бил и дедото на Владимир Путин – Спиридон.
Бенито Мусолини обожавал кромид, маслинов зејтин, лимон, а француската кујна ја сметал за безначајна. Јадел на семејната маса, со сопругата и нивните пет деца, а сите морале да седат пред неговото доаѓање.
Угандскиот диктатор, Иди Амин наводно дневно јадел 40 портокали, а за време на азилот во Саудиска Арабија најмногу уживал во похуваното пилешко. Го усвоил и британскиот обичај на пиење чај попладне.
Пол Пот уживал во „машкатахрана“ – месо од дива свиња, срнешко, коњак, кинеско вино, но и во гулаш од кобра. Додека сиромашниот народ можел да си дозволи само проварен ориз, тој уживал во луксузните вечери.
Најомилено јадење на Николај Чаушеску биле вегетаријански лазањи, или обична салата од домати и кромид со малку фета сирење и месен нарезок. Но, исто така, бил опседнат со можното труење па на официјалните вечери ја фрлал храната на под.
За првиот претседател на Екваторијална Гвинеја, Франциско Мациас Нгуема, се знае дека сакал да пие чаеви од халуциногени билки. За прехранбените навики не се знае многу, но се шпекулирало дека тој е, всушност, канибал кој собира черепи во својот замрзнувач.
Диктаторот од Хаити Франсоа „Папа Док“ Дувалијер јадел главно лесна храна заради бројните здравствени проблеми, дијабетесот проблеми со срцето и артритисот кој толку му се влошил што сопругата морало да го храни.
Лесните јадења биле увертира во нешто потешкиот облик на забава по оброкот. Имал подземен затвор обоен во крваво црвена боја каде ги мачеле неговите непријатели, а Папа Док уживал гледајќи го тоа.
FOTO: MIA