Џачка задоволна од западната визија во Северна Македонија

143

Република Северна Македонија и Република Албанија се цврсто насочени кон подобрување на меѓусебната соработка и во областа на одбраната. Со членството на Северна Македонија во НАТО, регионот станува многу побезбеден и постабилен, а иднината заедно ја гледаме со повеќе оптимизам. Сепак, има уште многу работа за да ги европеизираме нашите земји и да ги оствариме нашите стратешки цели за членство во ЕУ.

Ова е заедничката констатација од денешната прес-конференција на министерките за одбрана на Северна Македонија и на Албанија, Радмила Шекеринска и Олта Џачка, која престојува во официјална посета на Министерството за одбрана.

Според Шекеринска, Албанија отсекогаш била добар сосед и пријател, но почнувајќи од оваа година, рече, очекуваме да биде и наш сојузник и партнер како дел од НАТО.

– Оваа година и изминатата не само зборовите, туку и делата покажаа дека нашите две земји се вистински пријатели, знаат во најважните моменти да си дадат целосна поддршка – изјави Шекеринска нагласувајќи дека на 14-ти февруари Албанија како трета земја, по Грција и по Словенија го ратификуваше пристапниот Протокол за членство во НАТО.

Фактот дека првите наши соседи – Грција, Албанија, Бугарија и Словенија први го ратификуваа Протоколот за членство во НАТО, потенцира таа, покажа дека НАТО  вредностите се и наши вредности, знаеме да соработуваме, да се почитуваме и да си даваме поддршка.

– Членството во НАТО го заслуживме и го сработивме, но факт е дека тука Република Северна Македонија не запира. НАТО го гледаме како шанса за подобар живот на сите граѓани, за подобра економија и како шанса за подобри институции – рече Шекеринска.

Таа наведе дека во последните истражувања на принципите на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, МО е оценето како институција која забалежува најбрз напредок во последната година односно успеа да се пласира во првите три по транспарентност, отчетност и интегритет во делот на јавните набавки.

Припадниците на АРМ ќе бидат дел од мултунационалната вежба што годинава ќе се одржи во Албанија, а ќе учествуваат и во иницијативата Јадранска соработка – САД, со која ќе претседава Албанија. Во рамки на оваа иницијатива, ќе соработуваме преку заедничко учество во мисијата „Одлучна поддршка во Авганистан“.

– Стабилноста и безбедноста на Република Северна Македонија, Албанија ја гледа како како главен услов за безбедност на целиот регион – изјави министерката за одбрана Џачка.

Таа изрази задоволство за, како што рече, западната визија што кулминираше со потпишување на Преспанскиот догвор и го истакна задоволството за храброста, во текот на деликатните ситуации за договорот со Грција, но, подвлече и за Законот за употреба на јазикот, како важни одлуки кои бараат храброст и добро лидерство.

– Создадени се услови и добра клима за имплементација на Охридскиот договор, како еден од главните услови за интеграција на вашата земја во евроатлантските структури, за што ќе ја добие нашата поддршка – рече Џачка.

Албанската министерка за одбрана оцени дека и во двете земји има сили кои за свои тесни интереси се подготвени да ја загрозат стабилноста и европската интеграција.

По церемонијата за пречек пред Министерството за одбрана, Шекеринска и Џачка имаа тет-а-тет средба, по што се сретнаа и со премиерот Зоран Заев.

Министерката за одбрана на Албанија, Џачка ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...