Џафери ја отфрли иницијативата за нарко тест на пратениците

260

Претседателот на Собранието Талат Џафери како неоснована ја отфрли иницијативата на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ за нарко тест на пратениците.

Од Собранието информираат дека Џафери ја добил и ја разгледа иницијативата која се однесува на барањето за доброволно тестирање на пратениците во Собранието од наркотици.

– Ве информираме дека, во Законот за пратеници, во Деловникот за работа на Собранието и во Уставот на Република Северна Македонија, нема правен основ според кој Претседателот и Собранието на Република Северна Македонија би можеле да ја реализираат иницијативата на независната пратеничка група. Условите за кандидирање, за избор и за работа на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија се јасно дефинирани и оттука, претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања – се вели во соопштението.

Од таму додаваат дека според Законот за безбедност и здравје при работа, член 22, став 1, работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци.

Пратениците и вработените во Собранието, како и сите вработени лица во државата, одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба. Последниот систематски преглед се реализирал во 2017 година, а следниот редовен систематски преглед ќе се спроведе во текот на оваа година.

– Дополнително, не се точни тврдењата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски дека, претседателот на Собранието може и без формално покрената иницијатива, да утврди одговорност на пратеник. Согласно Кодексот за етичко однесување на пратениците, Член 15, претседателот на СРСМ нема надлежност во постапката за утврдување на сторени лесни и тешки повреди и изрекување на мерки за пратениците – велат од Собранието.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...