Не е ред партиите или поединци да одлучуваат дали роднини на функционери ќе се повлечат од работните места во државните институции. Ова е ставот на претседателот на Собранието, Талат Џафери прашан на брифинг со новинарите дали ќе и сугерира на ќерка му да даде отказ во ЕЛЕМ.
Џафери рече дека има комисија надлежна за прашања поврзани со непотизам и судир на интереси. Тој пред новинарите го цитира членот 9 од Уставот, каде пишува: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“.
Антикорупциската комисија по допрен глас неодамна отвори предмети за 18 лица, роднини на функционери што изминатиов период се вработиле во државни институции, а меѓу нив е и ќерката на претседателот на Собранието, Бесија Џафери, вработена во ЕЛЕМ.