Џафери-Хан: Извештајот е обврска да продолжиме со реформите

74

Посетите на комесарот Хан и на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Фредерика Могерини и нејзиното обраќање пред пратениците, претставуваат несомнено јасен сигнал и поддршка за европската перспектива на земјата. Република Македонија, благодарение на засилениот ангажман на ЕУ, заедно со нејзините меѓународни пријатели во изминатите години, денес повторно цврсто чекори на својот пат кон членство во НАТО и ЕУ, порача претседателот на Собранието Талат Џафери по средбата со Хан, кој официјално го врачи Извештајот за напредокот на Македонија.

Џафери констатирал дека Извештајот за напредокот реално и балансирано ги отсликува состојбите и се заблагодарил за упатената препорака која земјата ја добива од 2009 година навака, со надеж дека истата наскоро ќе биде валоризирана и од Советот на ЕУ со определување датум за преговори за членство.

– Безусловената препорака е благодарение на заедничките напори на Владата, но и на Собранието и на сите колеги пратеници од позицијата и опозицијата и нивната посветеност за реализација на предвидените реформи согласно препораките на Прибе и Планот 3-6-9, што резултираше со суштински реформи во областите кои беа посочени како приоритетни, особено во делот на судството и реорганизацијата и реформата во безбедносниот сектор. Тоа е мотив плус, како и досега, да се продолжи со реформите на патот кон ЕУ, како стратешка определба на сите политички партии и сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност – истакна Џафери.

Тој го информирал соговорникот и за преземените активности во насока на подобрување на добрососедските односи преку потпишувањето и стапувањето на сила на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и интензивирање на дијалогот со Република Грција за приближување на ставовите под покровителство на ОН за изнаоѓање на решение за спорот со името.

Хан нагласил дека благодарение и на Собранието, на сите пратеници и нивниот ангажман во изминатитот период со донесување на неопходната легислатива, Европската комисија упати препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тој ја поздрави работата на Собранието и побара конструктивниот дух и политичкиот дијалог меѓу позицијата и опозицијата за европската агенда да продолжи и во иднина, преку размена на мислења и аргументи и во духот на заемна доверба и меѓусебно почитување. Со постојана поддршка од општеството и граѓаните, Собранието ја претставува големата слика за реализирање на стратешката цел за членство во ЕУ и НАТО. Како актуелно раководство, Собранието на Република Македонија има можност да биде дел од историјата на земјата и таа можност треба да се искористи во периодот што следи.

Соговорниците беа согласни дека треба да се интензивира парламентарната дипломатија во престојните месеци, особено во земјите во кои парламентите имаат клучна улога за доделување на мандат на нивните влади за почеток на преговори за членство во ЕУ за земјите кандидати.

На средбата присуствувале и потпретседателите на Собранието Фросина Ташевска-Ременски, Горан Мисовски и  Весел Мемеди,  кооординаторите на пратеничките групи  Томислав Тунтев, Драган Данев, Ејуп Алими и Африм Гаши.  Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби, копретседавачот на МПК-РМ и ЕУ, Горан Милевски, како и пратениците Сурија Рашиди и Мерал Узеири-Ферати.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...