„Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, секогаш кога според Уставот и Деловникот на Сoбранието е должен да постапува, презема конкретни иницијативи и мерки кои се во согласност со неговата надлежност. Во овој момент нема основ за каква било постапка. Претседателот на Собрането очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот“, се наведува во ставот соопштен од кабинетот на Џафери.
Од Владата, пак, за случајот со пратеникот Павле Богоевски упатуваат дека одговорите треба да се бараат во Собранието, бидејќи во нивна надлежност се прашања или случувања кои се однесуваат на одговорноста на владини функционери.
-Во овој конкретен случај имајќи предвид дека станува збор за пратеник кој е дел од законодавната власт сметаме дека е потребно овој одговор да го дадат во Собранието. Инаку, конкретно во однос на поднесената пријава од страна на пратеникот сите засегнати институции ќе постапат според прописот со цел расветлување на случајот, особено за снимањето и емитувањето на материјалот кој е забранет, како и за самоиницијативно поднесената пријава од страна на пратеникот Павле Богоевски, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната редовна прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.
На руската мрежа „Вконтакте“ на профилот „Илија Громовник“ деновиве беше објавена аудио снимка на која се тврдеше дека Богоевски е снимен како нарачува кокаин. Пратеникот Богоевски потврди дека тоа е неговиот глас, но кажа дека не нарачувал кокаин туку масло од канабис. За неовластеното прислушување и тонско снимање, предвидено со чл. 151 од Кривичниот законик тој во ПС Центар поднесе пријава и рече дека очекува сторителот да биде изведен пред правдата. Се пријави и самиот себе си во одделот за борба со недозволена трговија и шверц затоа што нарачувал масло од канабис, но вели тоа го направил за блиска особа за медицински цели, а не за пуштање во продажба.