Западен Балкан, според стандардите и вредностите кои сѐ повеќе преовладуваат, станува составен дел на евроатланските асоцијации, при што сите во регионот може да најдат заеднички прифатливи решенија за кој било проблем или отворено прашање, само преку дијалог и отворена соработка, особено кога станува збор за заеднички предизвици рече претседателот на Собранието Талат Џафери на конференцијата „Современите предизвици на Трансатлантскиот безбедносен простор”, во Шипан-Хрватска.
– Најсвеж пример за тоа е бегалската криза, при која регионот Западен Балкан и секоја држава посебно, одиграа многу позитивна и одговорна улога. Владата на Република Македонија и парламентарното мнозинство, оваа година направија значајни потези кои имаат историска димензија, како за граѓаните на Македонија, така и за регионот и неговата евроатланска перспектива – рече Џафери.
Тој ги наброи позитивните чекори во оваа насока како што се напорите на нашата земја за добрососедски односи преку потпишување на Договорот за пријателство со Република Бугарија, како и постигнатиот договор со Република Грција, со кој се приближуваме до конечно решавање на едно од најтешките прашања за нашата земја.
Конференцијата е намената за 30-тина млади лидери од земјите во регионов, а претседателот на Собранието одржа предавање пред младите учесници при што сподели со нив дел од неговото професионално искуство, а се осврна и на актуелните случувања во Република Македонија и регионот.