Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со италијанската министерка за одбрана Елизабета Трента, која е во официјалната посета на Република Македонија.
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, покрај претседателот на Собранието, присуствувале и двајцата потпретседатели Ременска и Мисовски и членовите на Комисијата за одбрана.
На почетокот на заедничката средба, претседателот Џафери изразил задоволство од извонредните и пријателски односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република. Тој истакнал дека особено се цени фактот што Италија силно ја поддржува нашата земја во рамките на Берлинскиот процес, на мултилатерален план и воопшто во севкупните евроатлански интеграции на Република Македонија.
Во продолжение, претседателот ја запознал гостинката со актуелностите во однос на референдумскиот процес чиј овластен носител е токму Собранието на Република Македонија. Притоа, се вели во соопштението, изразил очекување дека покрај силната меѓународна поддршка, и граѓаните на Република Македонија ќе го препознаат историскиот момент и дека Република Македонија нема да има друга шанса да направи силен исчекор напред во Европската унија и НАТО.