Спикерот Талат Џафери ја остави денеска отворена можноста овој собраниски состав да го ратификува Протоколот за членство на земјава во НАТО, независно од тоа дали до распуштањето на парламентот на 12 април ќе заврши процедурата за ратификација во шпанскиот парламент.
Џафери рече дека од владата стигнал предлог-закон за ратификација на Протоколот за членство во НАТО. Тој нагласи дека, сепак, очекува во скоро време да заврши процедурата за ратификација во шпанскиот парламент, со оглед на тоа што веќе е избрана владата во Мадрид. Ако тоа се случи пред 12 февруари, македонскиот парламент ќе може по редовна постапка да го ратификува Протоколот, со што би се официјализирало влегувањето на С. Македонија во НАТО како 30. членка. Во спротивно, ратификацијата би била со одложено дејство, односно би стапила во сила откако ќе заврши и ратификацијата во Шпанија, со оглед на тоа што нашата земја треба да биде последна што ќе го усвои Протоколот за НАТО, кој беше потпишан во февруари минатата година во Брисел – на министерски состанок на земјите членки на Алијансата. Ден потоа, Грција беше првата земја која го ратификува Протоколот, а до есента 2019 година тоа го направија и другите 27 земји-членки. Така, единствено внатрешно-политичките турбуленции во Шпанија спречија членството на Македонија во НАТО да се официјализира на последниот самит во Лондон, што се одржа во почетокот на декември.
-Шпанија веќе има влада и се надевам дека ратификацијата на Протоколот за членство на С.Македонија во НАТО ќе биде завршена по скратена или брза постапка. Ако не се случи тоа, тогаш македонскиот парламент може да го ратификува Протоколот така што ќе ставиме клаузула дека неговото стапување во сила ќе биде со одложено дејство – изјави Џафери.
Претходно, на последниот брифинг со новинари, Џафери тврдеше дека Собранието во Скопје не може да го ратификува предвреме Протоколот за НАТО, односно дека прво мора да заврши постапката во Шпанија, која остана последната држава што треба да го потврди членството на нашата земја во Алијансата. Пред новогодишните празници, Џафери изјави дека ако овој парламент не стигне да го ратификува Протоколот по редовна постапка, тогаш ратификацијата ќе остане како обврска на новиот собраниски состав, кој ќе биде избран на 12 април годинава, а би се конституирал во почетокот на мај.
Наспроти тоа, прво ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и владата и СДСМ се залагаа за тоа Протоколот да го ратификува овој собраниски состав, макар и со одложено дејство. Ставот на владата на СДСМ беше дека ратификацијата на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО треба да ја изгласа оваа собраниска гарнитура, која претходно го ратификуваше и Преспанскиот договор и ги донесе уставните измени што произлегоа од него, со што, по десетгодишна блокада, беше отворен патот за влез на Македонија во Алијансата.