Џафери: Расправа за предвремени избори само со договор за пржинска влада

324

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентрани избори нема да се разгледува се додека не биде договорена „пржинска влада“, која согласно законскиот рок треба да биде формирана најмалку 100 дена пред избори. Собранието може да се распушти и доколку до претседателот на законодавниот дом биде поднесена иницијатива со потписи од 61 пратеник за негово распуштање. Ова го изјави претседателот на македонското Собрание Талат Џафери на денешната средба со новинарите.

Доколку се оди според моделот за техничка влада според моделот од Пржинскиот договор, нема можност да се постигне предвремените парламентарни избори да се одржат заедно со претседателските. Согласно Договорот од Пржино и измените направени на Законот за Влада, при парламентарни избори потребно е 100 дена пред нивното одржување формирање на техничка влада, а тоа значи оставка од премиерот и именување двајца министри од опозицијата во МВР и МТСП и тројца заменици-министри.

Џафери кажа дека лично тој не е за предвремени парламентарни избори. Потврди уште еднаш дека претседателските избори ќе бидат распишани на 8 феврурари, а заедно со нив ќе се одржат и локални избори за градоначалник во три општини, Охрид, Дебар и во Ново Село.

Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот круг на 5 мај.

Тој додаде дека во случај да не се изврши избор на претседател на државата на изборите во април/мај, со Изборниот законик е предвидено нови избори за претседател да се одржат во рок од шест месеци.

Прашан во однос на одлуката на ДУИ за претседателски кандидати, посочи дека одлуката подразбира три опции, а тоа е избор на сопствен кандидат, предлог на консензуален кандидат со СДСМ или заедички кандидат на сите политички партии од албанскиот политички блок.

Според него, сите три опции се легитимни, како што е легитимна и опцијата и партиите од македонскиот блок да излезат со заеднички кандидат.

Претседателот на Собранието на новинарско прашање рече дека очекува процедурите за избор на кандидати за претседател и членови на Антикорупциската комисија да бидат завршени поскоро со цел тоа се направи пред распишување на претседателските избори. Најави дека пленарната седница за избор на составот на Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси ќе ја закаже за 8 февруари што е согласно претходните најави дека тоа ќе се случи пред распишување на претседателските избори.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...