Претседателот на Собранието Талат Џафери упати апел за фер и регуларни избори до граѓаните, политичките партии, но и до кандидатите за претседател пред почетокот на кампањата за претстојните претседателски избори, која официјално стартува на 1 април, бидејќи тоа е во интерес на државата и еден од условите за датум за преговори со ЕУ.
– Првично, апел до сите граѓани на РСМ да ја искористат својата можност и право да излезат на избирачките места, да го искористат правото на глас и со тоа фактички да придонесат кон почетната регуларност на целиот процес. До политичките субјекти кои директно или индиректно ги поддржуваат кандидатите за претседател на државата, апел до нив со своите постапки и изјави да не придонесуваат кон вжештување на предизборната кампања, но да имаат соодветно ниво на политичка култура во меѓусебната комуникација, односно комуникацијата едни кон други и со граѓаните – рече Џафери денеска по редовниот брифинг со новинарите.
Во апелот до кандидатите за претседател тој се повика на нивниот интелектуален кредибилитет.
– На крајот апел и до самите кандидати имајќи предвид дека во контекст на нивниот интелектуален кредибилитет ги имаат сите предуслови тоа и да го рефлектираат во кампањата и со интелектуалниот пристап кон граѓаните да придонесат изборите да бидат што поприфатливи за сите, односно кампањата да не добие негативна конотација – подвлече Џафери.
Ова е, како што рече, во општ интерес на граѓаните на РСМ, во интерес на нашата држава во контекст на атлантските и евроинтегративни процеси имајќи предвид дека еден од предуслосвите за добивање датум ќе биде и оценката за изборниот процес.
– И во тој контекст се надевам дека сите учесници ќе придонесат оценката да биде што попозитивна за сите нас – рече претседателот на Парламентот Џафери.
На прашањето што доколку не биде постигнат цензус во вториот круг од изборите, Џафери укажа дека постои процедура согласно Устав и закон според која целата постапка се повторува, а претседателот на Собранието станува вршител на должност на функцијата сѐ до изборот на новиот претседател.