Џафери од Талин: Само региони во кои нема конфликти можат да просперираат и да бидат атрактивни

198

Последниве години, безбедносната состојба во Европа и околу неа претставува многу сериозен предизвик, како за Европската Унија, така и за секоја држава, вклучително и државите аспиранти. За жал, воените конфликти кои се релативно блиску до Европа, а посебно до нас кои живееме во регионот на Западен Балкан, претставуваат секојдневен предизвик, како за нашите безбедносни органи, така и за другите државни структури. Тероризмот, организираниот криминал, бегалската криза, се само дел од секојдневните безбедносни предизвици со кои се соочуваме како држави, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на Конференцијата на претседатели на Парламенти од земјите на Европската Унија, во Талин, Естонија.

Тој истакна дека овие состојби влијаат врз јавното мислење на граѓаните, чиишто мир и безбедност се загрозени, и наш врвен приоритет како нивни директни претставници е да осигуриме мир и стабилност, затоа што само региони во кои нема конфликти можат да просперираат и да бидат атрактивни.

– Мирот и стабилноста несомнено подразбираат соработка помеѓу државите на полето на безбедноста, вклучително и во рамките на НАТО. Република Македонија, уште од своето осамостојување, за своја стратешка цел го определи полноправното членство во НАТО и за тоа има висока поддршка од граѓаните. Иако формално правно сѐ уште не сме членка на НАТО, ќе ве потсетам дека преку припадниците на нашите безбедносни сили даваме придонес во мировните операции во рамките на нашите реални можности, понекогаш и над нив – рече Џафери.

Додаде дека безбедносните предизвици имаат негативно влијание врз опстојувањето на европските принципи и вредности и дека предрасудите, стереотипите, интолеранцијата, говорот на омраза се сѐ повеќе присутни.

Затоа, мислам дека како што се организираме и работиме на безбедносните предизвици, исто треба да посветиме внимание и на овие негативни појави, кои сега засега се ефемерни и сè уште поголемиот дел од јавноста не ги прифаќа.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...