Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека никому нема да се правда на прес конференција зошто вчера не се гласаше за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељановски. Тој вината ја префрли на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетски прашања, која не донела одлука за имунитетот на Вељановски. Со ова Џафери топката ја префрли во судот.
– Талат Џафери не е избран за претседател со ничија жртва. Талат Џафери е дел од таа жртва. На сите им е е јасно дека Џафери го води Собранието, но не по диктат, туку според уставните принципи. Секој кој има дилема за процедурите има соодветна процедурална можност. Кажувам додека сум јас претседател на Собранието, никој со ништо не може да ја узурпира и попречи работата на Собранието. Тие што се повикуваат на мене, нека ги преиспитаат своите одлуки во процедурите. Граѓаните не можат да ја разберат процедурата, но стручната јавност може. Комисијата за имунитетски прашања до претсеадтелот на Собранието не поднесе предлог заклучок и оттука Собранието немаше по шти да одлучува – рече Џафери.
Тој додаде дека нема намера никому да му се правда преку конференција за печат зошто не се галсало за имунитетот на Вељановски, откако СДСМ побара објаснување за вчерашната седница и најави дека во зависност од одговорот на Џафери ќе решат за дејствувањето во Собранието.
– Сѐ што е неопходно има во архивата и документите – рече претседателот на Собранието.
Тој одби да коментира како ова ќе влијае на владеачката коалиција, со образложение дека не се занимава со односите на партиите.
Џафери рече дека Комисијата немала заклучок за имунитетот на Вељановски и дека тој како претседател деловнички нема никаква надлежност да расправа и да влијае на заклучокот на Комисијата и дека затоа немало гласање.
– За дилемата дека јас сум го спасил Вељановски. Талат Џафери не спасува никогоп оти судската постапка не зависи од Собранието. Седницата ја прекинав поради тоа што измина времето за носење на одлука. Тоа се случи поради пратеникот Мухамед Зеќири од СДСМ, кој го наруши редот во Собранието – рече Џафери.
Тој објасни дека Собранието не донело одлука и дека од тоа не прозилегуваат правни дејства.
– Ова значи дека на пратеникот Трајко Вељановски му останува имунитетот, а правните институции може да ги преземе сите други дејствија кои им се на располагање – рече претсдателот на Собранието.
На новинарско прашање зошто немаше седница за одземање на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски, Џафери одговори дека седницата не може да продолжи по поминат рок од три дена.
– Мнозинството не обезбеди 61 пратеник за да се изјасни. Им дадов рок, но не обезбедија пратеници за мнозинството да гласа за одземање на имунитетот на Димовски и зато немаше седница. Таа седница е ад акта. Моја задача е да го известам соодветниот орган – рече Џафери.