Џафери не дава пратениците да висат по контејнери

673

Пакетот пратенички привилегии со кој се очекува загарантирана државна работа по истекување на мандатот на народните избраници, што како пробен балон беше пуштен во јавноста и веднаш издиша, по жестоките реакции на граѓаните на социјалните мрежи, сепак постои како иницијатива.

Иако пратеници од владејачкото мнозинство негираа дека ќе се зголемуваат пратеничките бенефиции и порачаа дека не смеат да бидат привилегирани ниту избраните, ниту именуваните функционери, претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со новинарите, рече дека не може да даде коментар на оваа актуелна тема, зошто до него не бил доставен предлог, но не негираше дека постои како иницијатива.

– Како идеја може да постои, неа може да ја даде секој пратеник, но кај мене нема пристигнато текст или драфт верзија. Можам да се произнесам откако ќе го видам – рече Џафери.

Тој сепак во разговор со новинарите рече дека во други земји во светот, со закон било решено прашањето на статусот на пратениците, откако ќе им истече мандатот. И дека и во тие држави има социјално загрозени граѓани, невработени, а не само кај нас, но додаде дека сите проблеми се решаваат и се уредуваат со закон.

– Не може некој да биде пратеник четири години, а потоа да брка по контејнери – забележа Џафери.

Пратеничката Фросина Ременски недвосмислено порача дека е потребно намалување на привилегиите и дека никој не смее да биде привилегиран само затоа што бил избран или именуван функционер. Ременски во минатата недела, откако излегоа првични информации дека се подготвува закон за обезбедување државна служба за пратениците по завршувањето на нивниот мандат, истакна дека законите ги регулираат правата и обврските на сите избрани и именувани функционери за време и по завршување на нивниот мандат.

„Ставањето во привилегирана позиција за време и по престанок на функцијата е спротивно на принципите на недискриминација и еднаквост. Наместо да се зголемуваат, привилегиите треба да се минимизираат. И тоа веднаш, пред да се уништи јавниот имиџ на функцијата пратеник кој и без тоа е доволно уништен“ напиша Фросина Ременски на Фејсбук.

Со остра реакција се огласи и Петар Колев, претседател на Граѓанско демократската унија (ГДУ) кој предложи промена на изборниот модел.

– Ние сѐ уште не можеме да се справиме со вашиот легален „грабеж“ преку таканаречените патни трошоци, со вашето неодење на работа, а вие веќе одите и уште понатаму. До максимум е компромитиран и исцрпен од содржина овој модел на парламентарна демократија. Сите ние како граѓани очекуваме промена на овој модел. Избори во една изборна единица, со отворени листи и намалување на бројот на пратениците на 90, по моделот на Словенија – порача Колев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...