Џафери: На 3 јануари, можна е и оставка на Заев и избор на нов премиер

Претседателот на Собранието го оценува овој парламентарен мандат како можеби најтежок досега, поради тешките одлуки што се носеа. Собранието, според него, работеше под специфични услови, почнувајќи од она што се случи на 27 април 2017 година

4289

Техничката влада може да биде избрана истиот ден кога ќе биде констатирана и оставката на актуелниот премиер. Тоа би можело да биде и на 3 јануари 2020 година, а од 4 јануари новата преодна влада да започне да функционира – ако оди се како што е договорено и се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април. Тогаш парламентот ќе се распушти на 12 февруари, објаснува во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери.

-Формално бидејќи тоа е работа што е прифатена од сите, не е спорно тоа да се случи на самиот ден 3 јануари, за да може во текот на денот да се спроведуваат сите постапки во однос на седниците кои треба да се одржат тој ден затоа што процедурите соодветно предвидуваат оставка на премиерот, констатирање на оставката на премиерот, известување до претседателот дека Владата е во оставка, според законот за Влада треба да се определи нов мандатар, да добие мандат, па тој мандатар да даде предлог за министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, за тројцата заменици министри во МВР, во труд и во земјоделие, за да може да се свика седница за нивен избор и со тоа фактички до 24 часот на 3 јануари да се заокружи таа седница и од 4 јануари веќе да функционира техничка влада, посочува Џафери.

Тој го оценува овој парламентарен мандат можеби најтежок досега имајќи ги предвид тешките одлуки што требаше да се носат не само оваа година, туку од самиот негов избор наваму. Собранието, според него, работеше под специфични услови, почнувајќи од она што се случи во 2017 година.

-Генерално како мандат е еден од потешките, ако не и најтежок мандат во кој што се одвиваа многу работи којшто сигурно ќе остават историски белег во работата на Собранието. Доста тешки одлуки кои требаше да се реализираат и мислам дека со трпелива работа успеавме да ги надминеме, да ги слушаме сите разлики под однос на дебатата, дадовме соодветно време на сите кои што требаа да учествуваат во таа дебата, соодветно мислам дека се земаа предвид поголемиот дел од укажувањата и од спротивните ставови и со тоа фактички успеавме да го заокружиме носењето на битните одлуки и проекти кои беа пред нас – истакнува претседателот на Собранието во интервју за МИА.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...