Џафери – Назарбаева: Да се финализира постапката за безвизен режим меѓу Македонија и Казахстан

218

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во рамките на официјалната посета на Република Казахстан, денеска оствари средба со Дарига Назарбаева, претседателка на Сенатот на Парламентот на Република Казахстан.

На средбата стана збор за улогата на парламентарната дипломатија и потребата за зголемување на улогата на парламентите во надворешните работи и меѓународните односи. Џафери и Назарбаева се согласија дека, постојат бројни можности за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламенти, како на билатерално ниво меѓу претседателите, комисиите и парламентарните групи за соработка, така и во рамките на мултилатералните форуми.

Претседателката Дарига Назарбаева информираше дека во Сенатот на Република Казахстан е формирана Група за соработка со Македонија и изрази задоволство за напредокот што земјата го постигна во аспирациите за членство во ЕУ и во процесот за интеграција во НАТО. Таа се заложи за зајакнување и развој на соработката меѓу Казахстан и Северна Македонија на полето на економијата, културата и туризмот.

Џафери нагласи дека Македонија останува посветена на спроведувањето на ефикасни реформи во функција на стратешките приоритети за членство во ЕУ и НАТО, а во изминатиот период ги унапреди и односите со соседите. Истакнувајќи дека со Преспанската спогодба со Република Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, земјата ги надмина пречките на патот кон ЕУ и НАТО. Џафери информираше за очекувањата за добивање на датум за почеток на преговорите за пристап во ЕУ и за динамиката на процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.

Претседателите на Собранието на Македонија и Сенатот на Парламентот на Република Казахстан се согласија дека, воведувањето на безвизен режим за граѓаните од двете земји треба да се финализира што поскоро, во интерес на унапредувањето на соработката во сите области од заеднички интерес.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...