Сѐ додека не се распишат изборите можно е да бидат одложени, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинари. Тој рече дека теоретски постои таква можност, со оглед на тоа што предвремените избори треба да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на парламентот.
Тоа во случајов би значело околу 10 февруари, така што изборите веројатно би биле распишани веќе следниот ден од распуштањето на законодавниот дом. Од тој момент почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија.
Џафери планира на 3 јануари – 100 дена пред изборите да закаже седница за избор на технички премиер и на нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Сепак, вели, терминот кога ќе се одржи оваа седница зависи од тоа кога сегашниот премиер Зоран Заев би поднел оставка и кога би биле доставени предлозите за нови премиер и двајца министри.
„Подновениот” состав на, владата би требало да биде избран истиот ден до полноќ.
Следниот ден, како што објаснува Џафери, новоизбраниот премиер ќе треба, да достави предлози за дополнителни заменик-министри во внатрешни работи и во труд и социјална политика (од редовите на СДСМ) и во финансии, земјоделство и информатичко општество (од ВМРО- ДПМНЕ). По изборите, новоизбраните министри и заменици во техничката влада ги напуштаат функциите.
До изборот на новата влада, по конституирањето на новиот собраниски состав, со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика ќе раководат сегашните „редовни” заменик-министри во овие ресори.