Претседателот на Собранието Талат Џафери не чувствува никаква одговорност затоа што тој, а не претседателот на државата, Ѓорге Иванов, ги потпиша указите за Законот за јазици и Законот за ратификација на договорот од Преспа и ги испрати на објавување во Службен весник.
– Јас не чувствувам никаква одговорност затоа што сум презел сѐ во рамки на мојата надлежност. Му дадов доволно време на Иванов за двата закона – рече Џафери.
Собранискиот спикер тврди дека постапувал согласно законите и Уставот и во однос на кривичните пријави кои ги најави ВМРО-ДПМНЕ за него, рече дека Иванов е тој што ги прекршил уставните обврски.
Џафери му порача на претседателот дека тој е дел од извршната власт и не смее да се меша во законодавната власт.
– Се чини дека претседателот Ѓорге Иванов на крајот на мандатот ги помешал лоците. Не е тој оној што треба да покрене постапка против законодавната власт туку законодавната е таа која треба има можност да покренува постапки за одговорност за претседателот на државата – рече Џафери.
За промената на таблите и називите во институции во двојазични, претседателот на Собранието кажа дека во Законот е јасно потенцирано дека тие имаат рок од шест месеци да го имплементираат.